Кривичниот суд синоќа одлучи да им определи мерка притвор во траење од 30 дена на поранешните министри, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како осомничени за организирање на упадот во Собранието. Од судот информираа дека поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски дополнително ќе биде повикан во судот, откако Собранието ќе се произнесе за неговиот пратенички имунитет.
Истражната постапка на Јавното обвинителство е против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по членот 313 од Кривичниот законик.
„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против три лица, кои беа спроведени во судот, судија на претходна постапка по сослушување на лицата како и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителството и на М. Ј. и С. Р. им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 став 1 т. 1 и т. 2, додека Т. В. дополнително ќе биде повикан во судот откако Собранието на РМ ќе се произнесе за неговиот имунитет“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.
Вчера Јавното обвинителство објави дека се под истрага организаторите на настаните во Собранието. Ценејќи дека се исполнети законските основи, соопштија од ЈОРМ, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените.
„Наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ‘За заедничка Македонија’, кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година“, велат од Обвинителството.