Од Кривичниот суд појаснуваат дека трите кривични дела за кои се гони екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, во предметот „Таргет и Тврдина“, се уште се активни. Поточно, според информации од обвинителството, едно од делата за уништување на опремата за прислушување, застарува во март. Очигледно е дека Мијалков ќе се „спаси“ за ова дело, бидејќи е невозможно до март да биде донесена првосилна пресуда за случајот.
-Во однос на вчерашните непроверени и непотврдени натписи во неколку портали дека едно од трите кривични дела кои му се ставаат на товар на обвинетиот С.М. веќе застарело, Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека предметот се уште е активен и се води за сите кривични дела опфатени во обвинителниот акт, информираат од Кривичниот суд.
Оттаму појаснуваат дека предметот „Таргет и Тврдина“ е сложен и обемен, но се прават сите напори со цел да се донесе пресуда во разумен рок.
-Судот како што и претходно повеќе пати преку брифинзи со новинарите, соопштенија и одговори на новинарски прашања има информирано, дека се работи за сложен и обемен предмет, за кој во текот на 2019 година се одложија неколку расправи заради утврдување на надлежен обвинител, а и поради тоа што дел од обвинитите беа опфатени и во други предмети. Исто така и во услови на пандемија судот, со крајни напори, ги обезбеди сите услови и овозможи динамика за насрочување на повеќе расправи за конкретниот прeдмет во една седмица се со цел доследно почитвање на начелото за судење во разумен рок и правата на странките во постапката, велат од Кривичниот суд.