Кривичен не прифати амнестија за „организаторите на 27 април“, но барањата се селат во Апелација

by fokus

Нема амнестија за „организаторите на 27 април“ односно за обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски на кои им се суди повторно за организирањето на крвавиот упад во Собрание, откако првостепената пресуда Апелацискиот суд еднаш ја врати на повторно судење.

Претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков соопшти дека по барањето на одбраната за примена на Законот за амнестија од 2018 година за обвинетите за случајот и добиеното мислење на Јавниот обвинител, донел одлука со која барањето се отфрла како неосновано.

– Се одбива како неосновано барањето за амнестија, бидејќи не се исполнети условите од член 1, став 2, алинеја еден и два од Закон за амнестија, изјави судијата Трпков.

Со оглед дека обвинетите имаат право на жалба на одлуките пред Апелација, судењето се одложи за 6 јули 2023 година.

И јавниот обвинител во овој случај, Трајче Пеливанов доставил мислење дека обвинетите не се лица кои ги опфаќа Законот за амнестија и дека во оваа фаза не постои правна можност Судот да одлучува по амнестијата.

Адвокатот Еленко Миланов, во однос на мислењето на јавниот обвинител, наведе дека не го ограничува Судот да донесе решение со кое ќе ја запре постапката согласно одредбите од Законот за амнестија од 2018 година, со што примената на институтот амнестија не е врзан само во делот со одлучување на пресуда.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.

Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација во април наведе дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.

Поврзани новости