По немилиот настан кој се случи синоќа, односно кога во сообраќајна несреќа беше усмртена 19-годишната Фросина Ц. од Крива Паланка, утрешниот ден е прогласен за ден на жалост во родното место на младата девојка. Несреќата се случи во близина на Универзана сала, на булеварот Партизански одреди, кога со автомобил, 26-годишен возач ја прегази Фросина.
Советот на општина Крива Паланка на вонредната седница одржана вечерва донесе одлука со која 5. април го прогласува за ден на жалост во Крива Паланка, по повод трагичната смрт на нивната сограѓанка Фросина Ц.
„По повод трагичната смрт на младата Кривопаланчанка Фросина Ц. која во петокот го загуби животот во сообраќајна несреќа во Скопје, недела 5 април се прогласува за Ден на жалост во општина Крива Паланка. Во име на градоначалникот на Крива Паланка и од име на советниците на општината во знак на почит кон прерано починатата Фросина Ц. и нејзиното семејство, упатуваме сочувство, а утрешниот ден е прогласен за ден на жалост“, изјави Борче Стојчевски, претседател на Советот на општина Крива Паланка.
На денот на жалост знамињата во општината ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации закажани на територијата на општината за утре се одлагаат.
Угостителските објекти кои се на територијата на општина Крива Паланка ќе емитуваат сериозна музика.