Да се биде на чело на еден град, за да се има раст и напредок, треба на општината да се гледа како на своја, приватна фирма. Оние чекори кои не би ги правел во своја фирма, не треба да се прават ниту во општината. Вистински лица да се стават на соодветни позиции, да се менаџира мудро и да нема опуштање.
Да се гледа на јавното со иста, дури и поголема одговорност отколку на приватното, на своето, а вработените да се вреднуваат според професионалните квалитети, а не според партиска припадност. Само така може да се оди напред- за ,,Фокус” вели Сашко Митовски (35), градоначалник на Општина Крива Паланка.
Откако стапи на функцијата, тој успеа од малата општина со околу 20.000 жители да направи место препознатливо по интересните проекти, како за градот, така и за добросостојбата на жителите.
Покрај позитивните критики кои ги доби минатата, а и оваа година поради бајковитото празнично украсување на градот, забавните програми со цел сите да ја почувствуваат магијата на празниците, организацијата на општинскиот празник со рекорден број на посетители од сите краеви, тој вели дека и социјалната грижа, како и модернизацијата на градот му се врвни приоритети.
-Уште од моите средношколски денови јас започнав со моите организациски активности. Секогаш сакав да изменаџирам најдобро што може, за било каков проект да се работеше. Од концерти до забавни и спортски манифестации, се трудев да донесам новитети во општината. Тоа ми остана и до ден – денешен, се да биде беспрекорно изработено, при тоа да се види и креативноста, сите да бидат задоволни. Многу ми значи поддршката од јавноста, тоа што граѓаните препознаваат искрена емоција и вложен труд, кога за еден успешен проект гледам задоволни лица, тоа ми е мотив плус наредниот проект да биде уште посовршен – вели Митовски.
Тој е сопруг и татко на три деца, и со години наназад е дел од угостителскиот бизнис. Сопственик е на Национален ресторан Воденица 3 и кафе бар Селект, од кои направил препознатлив бренд, но сега поради обврските во општината вели дека неговиот брат е задолжен за нивно функционирање.
-Со истиот жар со кој се дадов себе во издигнувањето на овие локали, така се вложувам и во напредокот на Крива Паланка. Субвенции за лица со попреченост, субвенции за новороденче, за матуранти, финансиска стимулација и поддршка за младите, проекти за нега и грижа на лица од трето доба, помош за спортски клубови, стипендии за талентирани ученици, подобрување на инфраструктурата… во секоја област се трудам да дадам поттик и конкретна општинска помош. Наредната година ќе следат уште низа на проекти и знам дека со добра организација се ќе постигнеме – вели градоначалникот.
Додава дека одговорното планирање и менаџирање се од суштинска вредност за секој градоначалник, а токму поради менаџерските способности неговите сограѓани неретко го фалат на социјалните мрежи. Таков беше и случајот со украсувањето на градот годинава, кога општината не потрошила ниту денар, бидејќи било организирано иселеници и сопственици на општествено одговорни компании да дадат свои донации.
-Се обидувам да го извлечам најдоброто од секој вработен, да им се даде шанса за докажување и успех на сите. Заеднички и координирано можеме да направиме многу за општината. Тоа ми беше водилка и во приватниот сектор, а и сега, кога граѓаните ми дадоа доверба да ја направиме Крива Паланка позитивен пример и атрактивна дестинација за посетителите. Верувам дека по секој добро сработен проект, кога медиумите и социјалните мрежи пишуваат за наши успеси, граѓаните се горди на себе, како и на локалната самоуправа која го дава максимумот да станеме препознатливи како добро место за живеење – ни изјави Митовски.
За него кривопaланчани неретко раскажуваат дека е вистинско изненадување, затоа што општината за кратко време се истакнала во многу области. Го опишуваат како спонтан човек со кого лесно може да се најде заеднички јазик за секој проблем, а токму неговите професионални искуства од минатото придонеле да знае во која насока треба да се движи Крива Паланка, која од мало место станува позитивен пример во земјава.
Вики Клинчарова