Критикувавте, ама успеавме да и го смениме животот на Маја – вели Јован кој го објави видеото со девојката со попреченост

by Fokus

Маја и нејзиното семејство од Мирковци се згрижени од страна на надлежните институции и преместени од нивниот разурнат дом во соодветна институција.

Јовица Кукуновски, сопственик на пицерија кој вчера објави видео на кое се гледаат ужасните услови во кои живее семејството, додека тој на Маја и подава пица, во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека кога денес повторно заминал во Мирковци, ја затекнал празна собата во која живеело семејството.

-Дојдов денес да донесам уште помош, бидејќи од она што го видов овде вчера, немам мир. Затекнав празна соба, нема никој, Маја и нејзиното семејство се пренесени во соодветна институција од страна на надлежните служби. Жал ми е што морав да го објавам потресното видео, ама се испостави дека тоа беше единствениот начин да се реагира и да се пружи конкретна помош на ова семејство во најкраток рок – раскажува Кукуновски.

Откако вчера го објави видео клипот, тој добил многу пораки во кои граѓани нуделе помош за Маја, но и критики дека со пица од 200 денари, која ја однел кај девојчето со попреченост, сака да си прави реклама. Вели дека воопшто не станува збор за реклама, туку напротив, ја објавил страшната вистина за тоа како преживува ова семејство.

-Ете, на тие кои критикуваа, да им кажам дека пицата од 200 денари и го спаси животот на Маја за која се надевам дека ќе има достоинствен живот во иднина. Има уште многу семејства во слична состојба кај кои деновиве донирам храна, надлежните институции да поведат сметка за нив, посебно за оние кои живеат во селските средини, далеку од очите на народот – вели угостителот.

Тој појасни дека пред некој ден во неговата пицерија дошол негов пријател кој понудил донација од 4.000 денари, со цел да се помогне на сиромашни луѓе во овој период. Раскажа дека за Маја, нејзината мајка Божана и болното братче знаел од поодамна. Заминал да им однесе оброк, но исто така бил и кај други десеттина семејства од скопска Црна Гора.

-Во мојата пицерија дојде автоелектричарот Саре од село Бразда. Тој има сестра со хендикеп и ми кажа дека сакал да помогне на луѓе кои се во тешка состојба овој период. Донираше 4.000 денари, а јас се распрашав на кои фамилии им е најпотребна помошта, за да им однесам храна. Посетив повеќе семејства, има неколку стари лица кои живеат сами, има едно семејство со осум дечиња, на сите им однесов оброк. Сликите кои ги затекнав во тек на вчерашниот ден, кога заедно со мојот пријател Јовица Терзиски носевме помош во скопска Црна Гора не треба да се кријат, туку да ја разбудат јавната свест. Не смееме овие луѓе да ги оставиме на милост и немилост, мора да се помогне – потенцираше Кукуновски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости