Од Мепсо соопштија дека во Трансформаторската Станица (ТС) Битола 2 пристигналл 400/110 kV трансформатор, кој што претставува клучен чекор кон обновување на стабилноста на електроенергетската мрежа во Југозападна Македонија. Ова, како што наведуваат од компанијата, е значајна пресвртница во напорите на државата за справување со предизвиците во преносниот систем и обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија во еден од најважните региони во земјата.
„По дефектот на двата 400/110 kV трансформатори во ТС Битола 2, кои се случија во јануари 2024 односно јули 2024, новиот менаџмент на МЕПСО се соочи со голем ризик за енергетската стабилност во југозападниот регион. Во овој регион, кој покрива 25-30% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Северна Македонија, се работеше со големи напори, ослонувајќи се исклучиво на 110 kV далноводи“ велат од Мепсо.
Договорот за набавка на трансформаторот е потпишан на 4 август 2023 година и досега не се реализирал со што била влошена состојбата на електроенергетската мрежа.
Според најавата, пристигнувањето на новиот трансформатор ќе го намали притисокот врз мрежата, ќе ја подобри системската сигурност за реоните на Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилно снабдување со електрична енергија за време на зимската сезона и ќе обезбеди сигурност на производството на електрична енергија во РЕК Битола, клучен снабдувач на електрична енергија во државата.
„Трансформаторот, првично наменет за ТС Дуброво, беше пренаменет за ТС Битола 2 заради итните потреби на регионот.
Раководството на МЕПСО работеше напорно изминатиот период за да ги надмине логистичките и административните предизвици, вклучувајќи сложени транспортни аранжмани, неповолни временски услови и наследени административни доцнења за да го реализира проектот. Тимовите на МЕПСО работеа неуморно за да го управуваат сложениот транспорт на овој голем и критичен енергетски уред, кој сега е безбедно сместен во ТС Битола 2 и подготвен за монтажа.
Процесот на монтажа ќе вклучува составување, филтрација на масло, тестирање и интеграција во системот, што се очекува да трае приближно 10-12 дена, во зависност од временските услови. Техничките тимови на МЕПСО се целосно подготвени и гарантираат дека монтажата ќе се заврши што е можно побрзо, и покрај предизвиците што ги носи зимскиот период“ се додава во соопштението.
Откако ќе биде оперативен, овој трансформатор ќе одигра клучна улога во стабилизирањето на мрежата, намалувањето на ризикот од каскадни прекини и исполнувањето на зголемените енергетски потреби за време на зимската сезона.
„Монтажата на овој трансформатор во ТС Битола 2 не само што ќе ја стабилизира енергетската мрежа во Југозападна Македонија, туку и значително ќе го намали ризикот од прекини во снабдувањето за време на критичните зимски месеци.
АД МЕПСО ги уверува граѓаните дека се преземаат сите можни напори за обезбедување стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија за регионот и пошироко“ посочуваат од компанијата.