Данска, земјата со најостри критики на адреса на домаќинот на Светското првенство во Катар, се откажа од намерата на репрезентативните дресови да носи порака за заштита на човековите права, но порача дека нема да има свои официјални претставници на церемонијата на свеченото отворање, ниту од Владата, ниту од кралското семејство.
Владата на оваа скандинавска земја, која се покажа меѓу најнепријателски расположените кон катарската организација на Светското првенство, објави изминатиот викенд дека ниту еден нејзин член нема да отпатува за Катар, а на свеченоста нема да биде присутен ниту данскиот амбасадор во земјата домаќин на претстојниот Мундијал.
Како причина за недоаѓањето се наведени обврски на премиерката Мете Фредериксен, кој по победата на неодамнешните избори води преговори за реформи на извршната власт.
-Фокусот во моментов е на формирање нова влада. Во меѓувреме, Данска нема официјално да биде претставена на Светското првенство во Катар, изјави денеска министерката за спорт Ане Халсбе – Јоргенсен за локалните медиуми.
Претходно и данскиот престолонаследник Фредерик, кој е голем навивач на националниот тим, се извини и стави до знаење дека не планира да отпатува за Катар