Иако соработката меѓу Париз и Скопје постоеше и пред пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, членството во Алијансата обезбедува дополнителна рамка за соработка и солидарност во областа на одбраната, посочува новиот француски амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер во интервју за државната МИА.
– Северна Македонија, која сега треба да ги исполни капацитетните цели што произлегуваат од нејзината обврска во НАТО, може да се потпре на своите односи со Франција и нејзината воена експертиза за модернизација на својата Армија, особено во рамки на Договорот за соработка во одбраната, потпишан на 14 октомври 2022 година. Набавката на системите „Мистрал“ е конкретен пример за силните врски меѓу нашите две земји, вели Ле Риголер.
– Членството на Северна Македонија во НАТО, исто така, овозможува зајакнат политички дијалог за безбедносните политики, регионалната стабилност или за управувањето со меѓународните кризи. Сакам да ѝ честитам на г-ѓа Радмила Шекеринска за нејзиното именување на функцијата заменик генерален секретар на НАТО, што го илустрира кредибилитетот на Северна Македонија како членка на Алијансата, вели меѓу другото францускиот амбасадор.
Прашан за ставот на Париз за тоа дали враќањето на Трамп во Белата куќа ќе донесе промена во американско-европските односи и приоритетите на Брисел, тој посочува на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на последниот самит на Европската политичка заедница и неговата порака дека Европејците треба да можат самостојно да ги бранат своите вредности и интереси.
– Време е да го промениме нашиот пристап и да го поставиме прашањето на поинаков начин. Мора да престанеме да се позиционираме како помал партнер чии надежи или стравови зависат од развојот на американската политика. Претседателот на Републиката, Емануел Макрон, потсети на тоа на 7 ноември во Будимпешта, за време на самитот на Европската политичка заедница. Ние, Европејците, мора да бидеме подготвени да ги браниме нашите интереси и вредности, без да очекуваме дека други актери ќе го направат тоа место нас. Затоа Франција сака да развие реална европска стратешка автономија. Не станува збор за доведување во прашање на нашите сојузи, туку за зајакнување на европскиот столб во рамките на нашите сојузи. Наместо да коментираме за потенцијалните ефекти од американските избори, да ја насочиме нашата енергија кон градење на моќта и стратешкото единство на Европа во однос на заканите кои стануваат сè побројни. Северна Македонија има своја улога во оваа колективна авантура, вели амбасадорот Ле Риголер.
Во контекст на војната во Украина и враќањето на Трамп за претседател дали се на повидок мировни преговори за окончување на конфликтот имајќи го предвид актуелниот геополитички контекст, францускиот амбасадор посочува дека преку поддршката за Украина, работиме во интерес на мирот на европскиот континент и во светот.
– Треба да се потсетиме на очигледното. Украина е жртва на руската агресија, мотивирана од империјалистички проект и дестабилизација на европскиот континент. Затоа, мораме да продолжиме да ѝ помагаме на Украина, а Франција е благодарна за помошта што ја дава Северна Македонија. Нашиот интерес, без оглед на идната американска позиција, е да не дозволиме Русија да ја добие војната, бидејќи тоа би ги довело во прашање границите на суверените држави од страна на империјална и експанзионистичка сила. Работиме во интерес на мирот во Европа и стабилноста во светот преку поддршката за Украина, вели Ле Риголер.