Кристина Димитри: Годината беше доста дарежлива кон мене, а Давид е причината за секој мој успех!

by fokus

Годината која изминува беше доста дарежлива кон мене. Подароци, односно благослови добивав во текот на целата година, добив нови предизвици кои успешно ги совладав, затоа на полноќ ќе ја испратам благодарна за се што ми даде – вака за ,,Фокус” раскажува моделот, а од неодамна и пејачка Кристина Димитријевска, која во 2021 започна да настапува под уметничкото име, Кристина Димитри.

Убавата тетовчанка уште како тинејџерка заплови во водите на моделството. Беше еден од нашите најангажирани модели, со низа на титули од домашни и интернационални избори за убавина.

Пред околу шест години, во време кога кариерата како модел и одеше по угорна линија, се повлече и се посвети на семејниот живот и на мајчинството. Во 2017 година го доби синот Давид од бракот со поп музичарот Даниел Кајмакоски, а веќе во 2019 година стави крај на бракот со него.

Сега, вели дека со богато животно искуство зад себе, продолжува напред, љубовта кон моделството останува, но љубовта кон музиката е она на кое се посветила периодов.

-Вредно работев на мојата кариера во моделството, цели десет години бев посветена на таа моја голема љубов. Сега, паралелно, вљубена сум и во музиката, и ова е вистинското време да се посветам на неа. Проектот Боно и Кристина Димитри е она кое ми ја обележа оваа година, благодарна сум на Лолипоп и Sku Sku, поради тоа што сум дел од тимот и што ми ја дадоа довербата.

Во новата година очекувам да ги развиеме новите музички проекти, раскажува Кристина, која веќе започна со настапи во локали низ земјава.

Пред неколку месеци таа ја обработи песната ,,Роѓено моје” од Северина, и тогаш откри дека ја посветува на својот син Давид, кој по разводот со Кајмакоски остана да живее со неа.

Како млада, самохрана мајка, вели дека е благодарна на своето семејство кое е секогаш тука за неа и нејзиното дете.

-Давид наскоро ќе полни пет години. Тој е мојот живот, мојот ветар во грб и причина за секој успех! А моето семејство, од нив секогаш ја имам најголемата поддршка. Сите да сме живи и здрави во новата година, тоа е најважно, за се друго ќе се бориме со многу љубов и истрајност – ни изјави Кристина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости