Музичарот Кристијан Рахимовски, син на легендарниот вокалист на ,,Парни ваљак,, Аки, кој почина во јануари 2022 година, за прв пат доаѓа во Охрид.
Неговиот татко, роден во Ниш, но израснат во Скопје, за да потоа се пресели во Хрватска, секогаш со гордост истакнуваше дека Македонија е неговата земја. Често доаѓаше во Скопје, каде живееше неговата мајка, но и други роднини, па затоа Кристијан вели дека доаѓањето во Охрид, каде ќе настапи на фестивалот Охрид Фест, за него е можност уште повеќе да се поврзи со своите корени, затоа што го носел македонскиот ген.
-Цел живот слушам за Охрид, ми зборуваше татко ми, таму имаше многу пријатели, се надевам дека некои и ќе запознаам. Ова за мене е можност уште повеќе да се поврзам со своите корени, затоа што го носам македонскиот ген.
Срцето ми е полно, а дека премногу се радувам на доаѓањето, малку е да се каже. Благодарен сум за поканата на „Охрид фест“ и верувам добро ќе се забавуваме на фестивалот. Песната што ќе ја изведам се вика „Само љубав“ и доаѓа во вистинско време.
Татко ми сакаше да сум што повеќе на терен, да ме слушнат луѓето, но по 15 години постојано свирење, малку се изморив.
Во 2019 излезе албумот „Стопала“, песната стана регионален хит, но короната стопираше се. Во тој период останав без татко ми и без баба ми, доживеав страшен шок и ми требаше време да се повратам.
Тагата и болката во срцето мораше да се залечат за да почнам повторно да пеам и да го земам иструментот во раце.
„Сузе небеске“ е песна која ме раздвижи, а „Само љубов“ е повеќе од се, затоа што околу себе гледам луѓе кои ме сакаат, семејството, менаџерот, мојата издавачка куќа Croatia records, вели Кристијан.
Додава дека за него Македонија не е само земја, туку и внатрешен мир додека пее, и чувствувал дека е благословен со тој ген.
-Дедо ми Мустафа Рахимовски беше професор на Академија во Ниш, предаваше саксофон, татко ми Аки беше еден од најголемте пејачи на овие простори. Ги имам тие гени, пеам со леснотија, а немам никакво музичко училиште.
Музиката ме обликуваше, иако не сакав да му се препуштам на тој свет…
Јазикот слабо го зборувам, но доста разбирам, и често се гледам со пријателот Стефан Ристовски со кој неодамна бев на концертот на Влатко Стефановски во Загреб, раскажува музичарот, кој моментално работел на новиот студиски албум.
-Имам соработка со Дејан Николиќ, тој го потпишува последниот сингл и уште некои песни кои ќе се најдат на албумот. Тука е и продуцентот Срѓан Секуловиќ, со кој навистина уживам во соработка а не запозна Саша Драгиќ, мојот менаџер кој од Скопје внимава на секој мој чекор.
Во ова мое турбулентно време тој се покажа не само како одличен автор чии песни допрва ќе се снимаат, туку ми е и голема подршка. Во него препознав пријател, кој искрено, без лицемерие кажува се.
Полека градам приказна од луѓе и од песни. Тука е и Роберт Внук, кој соработуваше со Јосипа Лисац, Плави оркестар и останати големи изведувачи кои неодамна се приклучија на тимот.
Верувам во луѓето околу мене, во песните. Се разбира тука се авторите со кои соработувам од почетокот на карирата- Миро Буљан, Нино Нинчевиќ, Душан Бачиќ, Борис Ѓурѓевиќ, чии песни веќе излегоа како синглови, вели Кристијан.
Додава дека пеењето го научил низ стотици настапи, преку техники на дишење, дикција, диманика и слично. Работел со големи автори и му требале 15 години за да научи да пренесе песна на вистински начин.
-„Постоји ли место“ и „Стопала“ беа пресвртница, тогаш ја сфатив сериозната промена во себе. За мене баладите се нешто како чистилиште, премин, но во суштина ги сакам среќните песни што ги најавив со новиот сингл. Македонија допрва ќе се запознае со мојата работа, огромна желба ми е да го продолжам она што го правеше татко ми, и затоа ова не е само пазар, туку и обврска.
Освен тоа среќен сум што ги спојувам Хрватска и Македонија во себе си. Ќе дадам се од себе и многу верувам во музиката, во песните, порача Рахимовски.
Фестивалот Охрид Фест, на кој ќе настапи Кристијан, но и многу други домашни музичари и регионални ѕвезди, ќе се одржи на 30-ти и 31-ви август на сцената на Долни Сарај.
Вики Клинчарова