Државниот апарат мора да биде ефикасен во борбата против корупцијата и против кривичните дела, подеднакво да одговори без разлика за кого станува збор. Тие постапки да бидат транспарентни и да бидат неселективни, вели во интервју за РСЕ министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Секако дека постојат низа на механизми, на мерки коишто се преземаат и впрочем поради преземањето на таквите мерки, посебно во делот на антикорупциската политиката, Република Северна Македонија се искачи на скалата во однос на борбата против корупцијата и криминалот. Тоа е доказ дека сите институции преземаат низа на мерки во делот на антикорупциските активности.
Секако дека мора да работиме за да се стесни просторот, да се намали нивното на корупција и во институциите, а најважно од сè е да имаме ефикасност во откривањето на случаите. Така што, кражби се случуваат насекаде, престапници и криминалци постојат насекаде, но важно е државата да има вистински одговор и оние коишто направиле кривични дела да се изведат пред лицето на правдата“, посочува Спасовски.