Криминалци од сите партии, обединете се!

by Фокус

Време е криминалот и корупцијата да се стават во правна рамка. Тоа ќе биде најдоброто политичко оправдување што една власт ќе го измисли кога било и каде било.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Како што изминува времето, сѐ поизвесно станува дека прашањето за (опстанокот и развојот на) криминалот и корупцијата во државата добива централна улога во политичкиот и во правниот живот на граѓаните, а уште повеќе на политичките партии како „легитимни“ формулирачи и застапници на нивните интереси во парламентот.

Прашање е само кој како гледа на работите. Ако се прашуваат политичките партии и нивните „лидери“, тие обединети и сложно, во еден глас, би извикнале: долу Република Македонија, долу Република Северна Македонија, да живее Република Криминална Македонија!

А, пак, „обичните“ граѓани, кои одамна се прежалени и државјани од втор ред на „оваа држава“, немаат друг избор отколку со наведната глава да го прифатат своето понижувачко граѓанско ропство како казна од Бога поради нивните лоши политички проценки и неодговорно даден глас на изборите.

Никој не им е виновен што можностите за избор во овој овоземен живот им се сведени само на тоа да наведнуваат глава и да молчат или, пак, бесповратно да се иселат во некоја туѓина. Што подалеку од проколнатата, несреќна Македонија.

РЕПУБЛИКА КРИМИНАЛНА МАКЕДОНИЈА

Изборот навистина е многу скуден! Но, никој не им е виновен затоа што од изборен до изборен циклус нивните „избрани и именувани“ во власта добија таква моќ и сила што успеваат неказнето да прават што сакаат и за колку пари сакаат.

Искрено кажано, загрижувачки е фактот што граѓаните денес немаат доволно критична политичка маса за да се организираат и да им кажат „не“ на сите политички партии редум.

Напротив, од избори на избори, граѓаните си дозволуваат да бидат излажани како мали деца и да веруваат на неброени (лажни) ветувања за економски развој, владеење на правото и правната држава, за преовладување на граѓанскиот над националниот интерес и какви ли уште не приказни за мали деца смислени и разработени во партиските штабови.

Граѓаните треба да знаат дека во „оваа држава“, партиските „лидери“ не научија ништо друго отколку дека во политиката не треба да се прави ништо друго туку да се лаже (и, се разбира, краде)! Така најлесно се доаѓа на власт и до одговорот на прашањето: Кој сака да стане милионер!

МИНИСТЕРСТВО ЗА КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА

Затоа во право се сите оние што гласаа за измените на Кривичниот закон? Дојде времето кога она што се случува во реалноста треба и правно да се нормира.

Ако во „оваа држава“ недвојбено царуваат криминалот и корупцијата, тогаш сосема логично е процесот на претстојните измени во Уставот да се искористат и за востановување на Министерството за криминал и корупција.

Факт е дека во рамките на постојните закони и важечкиот Устав „се исцрпени“ сите нормативни можности за справување со криминалот и корупцијата.

Никој, ама баш никој од постојниот политички и државен естаблишмент нема реален интерес да се бори против криминалот и корупцијата.

Затоа подобро е барем да се определат некои основни правни рамки во кои ќе се одвива и со кои ќе се регулира „оваа дејност и пракса“ во државата отколку сѐ да се одвива и случува „на диво“.

Време е криминалот и корупцијата да се стават во правна рамка. Тоа ќе биде најдоброто политичко оправдување што една власт ќе го измисли кога било и каде било.

А, се разбира, ќе има и огромен политички придонес за афирмација на државата на меѓународен план. За економскиот развој и унапредувањето на правата и слободите на граѓаните и да не се споменува!

Замислете како и колку достоинството и супериорно звучи кога  нашите држави великодостојници ќе се претставуваат и потпишуваат како: Претседател на Република Криминална Македонија, прв потпретседател (може и министер) во Владата на Република Криминална Македонија, државен јавен обвинител на Република Криминална Македонија, и така редум.

Република Криминална Македонија, како гордо и моќно тоа звучи!

Поврзани новости