Приведени четворица криумчари на мигранти кои од Грција преку нашата земја ги пренесувале до Србија за цена од 500 до 700 евра по лице. Главни организатори се двајца браќа од Богданци заедно со соработници од Грција.
Како што информираше денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, одделот за организиран криминал во организација со други единици од МВР, спровеле акција за сузбивање на шестчлена криминална група која се занимавала со криумчарење на мигранти.
– Со помош на лицата од Грција, мигрантите биле пренесувани на територија на Репубика Северна Македонија, во близина на Струмица, Гевгелија и Дојран каде што биле пречекувани од членови на криминалната група и со моторни возила биле пренесувани до Кумановско-Липковскиот регион. Таму ги чекало лице кое било задолжено за нивно сместување како и за понатамошен трансфер до Република Србија и до земјите од Европската Унија, соопшти Ангеловски.
Тој информираше дека главно се пренесувани лица од Авганистан, Пакистан и Ирак како и од други земји од Блискиот и од Средниот Исток.