Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков денеска изјави дека победничкиот план на украинскиот претседател Володимир Зеленски има за цел да го формализира учеството на НАТО во конфликтот во Украина.
„Да, НАТО учествуваше во конфликтот претходно, но неофицијално. Сега сакаме официјално да го имаме НАТО на теренот“ вака сугерирал Зеленски според Песков.
Тој го нарече планот кусогледен, непромислен и нелогичен со оглед на моменталната ситуација.
Според него, планот за победа не е план за мир, туку за дополнително заострување на ситуацијата и наведе дека таквиот план може да ги доведе НАТО и Русија на „работ на конфликтот“.
Коментирајќи ја реакцијата на Западот, Песков посочи дека западните земји очигледно не се задоволни од „планот за порамнување“. Тој додаде дека Европејците не биле воодушевени од овие предлози, кои ги оцени како нелогични и, како што наведе, „глупави“.
Зеленски пред два дена во украинскиот парламент Врховна Рада претстави „план за победа“ кој се состои од пет точки. Првата точка се однесува на официјалната покана на Украина за членство во НАТО, додека трите точки се доверливи. Други точки од планот вклучуваат одбрана, ненуклеарно одвраќање, економија и повоена безбедносна архитектура во евроатлантската област.