Москва не ја признава одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налози за апсење на високи руски офицери, соопшти денеска Кремљ.
– Ние не сме потписници на статутот, не го признаваме. Ова не е прва одлука, знаеме и дека има разни затворени процеси кои се држат во тајност. Според тоа, ние ги третираме таквите одлуки – изјави прес-секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков, пренесува РИА Новости.
Вчера, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на двајца високи руски команданти, Сергеј Иванович Кобилаш и Виктор Николаевич Соколов, под обвинение дека тие наводно извршиле воени злосторства во Украина во периодот од 10 октомври 2022 година до 9 март 2023 година.
„Сергеј Кобилаш, генерал-полковник на руските вооружени сили, кој во соодветно време беше командант на воздухопловството на Воздухопловните сили, и Виктор Соколов, адмирал во руската морнарица, кој беше командант на Црноморската флота, се одговорни за воените злосторства за гаѓање цивилни објекти и воени злосторства кои предизвикуваат прекумерна штета на цивили или на цивилни објекти“, се вели во соопштението на МКС.
Се додава дека двајцата се товарат и за злосторства против човештвото.