Русија не добила по дипломатски канали никакви конкретни предлози за одржување преговори меѓу Москва, Вашингтон, Париз, Лондон и Берлин на територијата на Турција, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе ТАСС.
Во исто време, портпаролот не ја исклучи можноста лидерите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, да разговараат во Астана за одржување слични преговори на Руската Федерација со четирите западни земји. На новинарско прашање дали е можно двајцата лидери да разговараат за иницијативата на Анкара за вакви преговори, Песков одговори потврдно.
На 12 и 13 октомври во главниот град на Казахстан, Астана, ќе се одржи шестиот самит на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), потсетуваат турските медиуми.
Турскиот весник „Милет“ на 7 октомври објави дека Турција планира да организира преговори на руска страна со Велика Британија, Германија, САД и Франција на тема Украина, но оваа информација не беше официјално потврдена, потсетува ТАСС.