Кремљ ги обвини САД и НАТО за ескалација на тензиите откако Алијансата соопшти дека ја зајакнува одбраната во источна Европа поради кризата во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Вашингтон и НАТО предизвикува ескалација на тензиите преку „информативна хистерија“ и „конкретни акции“, додавајќи дека ризикот од офанзива на украинските војници против проруските сепаратисти е „многу висок“.
– Сакам да нагласам дека сето ова не се случува поради она што го правиме ние, Русија. Сето ова се случува поради акциите на НАТО и САД и поради информациите што тие ги шират, рече Песков.
Тој истакна дека активноста на НАТО во близина на руските граници не може да биде игнорирана од руската војска.
– Таквите акции и зголемената активност на НАТО во близина на нашите граници не можат да бидат игнорирани од нашата војска, која е одговорна за безбедноста на нашата земја, рече портпаролот на Кремљ.
Сепак, тој предложи прашањето дали учеството на Балтичката флота во вежбите може да се смета како реакција на прераспределбата на силите на НАТО во Источна Европа и балтичките земји, да се упати до Министерството за одбрана.
– Во моментов во тек е процес на вежби, маневри и воена конструкција, кој никогаш не престанал и ќе продолжи, нагласи Песков.
Сојузниците од НАТО денеска ја ставија својата армија во состојба на готовност и ќе испратат дополнителни бродови и борбени авиони во нивните бази во Источна Европа, зајакнувајќи ги силите и одбраната, во време, како што истакна НАТО, „кога Русија продолжува да распоредува војници во близина на украинската граница“.