Киев се обидел да изврши напад со дрон врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ, соопшти денеска администрацијата на рускиот претседател.
Москва ги оцени дејствијата на Киев како планиран терористички акт и обид за убиство на претседателот на Русија, во пресрет на Денот на победата и парадата на 9 мај, пренесе РИА Новости.
„Два дрона беа насочени кон Кремљ. Како резултат на навремените дејствија на армијата и специјалните служби кои користат радарски системи за војување, уредите се оневозможени“, се вели во соопштението.
Explosive drone hit Kremlin in Moscow last night https://t.co/PGIxps1Ktu pic.twitter.com/XI5UaoPJFm
— Liveuamap (@Liveuamap) May 3, 2023
Во нападот нема повредени, а распоредот за работа на шефот на државата не е променет.
Портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, за руската агенција изјавил дека Путин не бил во Кремљ во моментот на нападот на украинскиот дрон и дека денеска работи во неговата резиденција во Ново-Огарево.
Плановите да се одржи парада на Црвениот плоштад на 9 мај остануваат во сила, изјави портпаролот на Кремљ.
Руската страна го задржува правото да одговори на овој напад каде и кога смета дека е потребно, соопшти агенцијата.