Кремљ го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека се обидува да ја демонизира Русија со цел да добие повеќе средства од Конгресот за продолжување на војната во Украина.
Претходно, Москва ја спореди помошта за Украина со палење на парите на американските даночни обврзници во печка, пренесува Ројтерс.
„Длабоко жалиме што американското раководство ја продолжува својата навика да ја користи Русија како алатка во своите внатрешни работи“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„И во конкретниот случај тие се ангажирани во апсолутно очигледна демонизација на нашата земја, со цел да манипулираат со своите конгресмени и сенатори за да продолжат да ги палат парите на американските даночни обврзници во рерна“, рече Песков.
Директорот на руската надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин претходно денеска ги предупреди САД дека западната поддршка за Украина може да го претвори конфликтот во „втор Виетнам“ и дека секоја нова американска администрација ќе мора да се обиде да се справи со тоа.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера побара од републиканците нова „инфузија“ на воена помош за Украина и предупреди дека руската победа над Киев може да ја стави Москва во позиција да ги нападне сојузниците на НАТО и да ги вовлече американските војници во војна.