Кремљ демантира: Не, Путин и Трамп не разговарале

by Fokus

Кремљ денеска ги демантираше информациите објавени синоќа од „Вашингтон пост“, според кои рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп разговарале за Украина минатата недела.

„Тоа е јасен пример за квалитетот на информациите што се објавуваат деновиве, дури и во прилично угледни медиуми. Тоа е целосно невистинито. Чиста фикција. Тоа е едноставно лажна информација“, рече портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

На повеќекратно прашање од печатот дали тоа значи дека немало телефонски разговор меѓу Путин и Трамп минатата недела, Песков рече: „Токму тоа го кажав. Немаше разговор“.

Претходно „Вашингтон пост“ објави дека Трамп и Путин разговарале во четвртокот.

Како што беше објавено, Трамп разговарал со Путин додека престојувал во неговото одморалиште на Флорида, а според извори на „Вашингтон пост“ му испратил предупредување на Путин да не го интензивира конфликтот со Украина, а наводно го потсетил и на силното американско воено присуство во Европа.

Поврзани новости