Креиравме ли нов бран буржуи од „децата на транзицијата“

Што ќе ни се тогаш да ги храниме со наши, народни пари? Зошто креираме нов бран буржуи, робовладетели одлепени од реалноста и отуѓени од народот? Зошто, со мојот глас и поддршка, да изигрувам Франкенштајн, да креирам нови чудовишта, кои утре мене прва ќе ме изедат?

by Fokus

Пишува: Весна ЌИРАЏИЕВА

Веднаш по стапувањето на функција, т.н. „деца на транзицијата“ се одлепија од нас, народот. Одамна заборавија што е сиромаштија, заборавија за што се бореа и се однесуваат како диктатори на власт, а не се ни близу до власта. „Слушај што зборувам, не гледај што правам“, им е мотото. Газат по неистомисленици, раководат по систем на негативна селекција – им требаат слепи послушници, кои нема да му контрираат на лидерот, зашто секоја конструктивна критика, предлог или забелешка, лидерството ја смета за зло, иако е во интерес на народот.

А, интересот на народот одамна е само евтина демагогија за пред масите – интересот на лидерот и грст опортунисти околу него е одамна примарна задача.

Поразот се презентира како победа и се манипулира со поддржувачите и активистите, бидејќи за победа се смета она што само и само на лидерството му оди во прилог – комотна ложа во опозиција, каде што за 2.500 евра плата спие мирно и не ја става главата во торба со никаква одлука – „па, опозиција сме, што можеме ние со 5-6 души“ – е пригоден изговор.

Со народни пари складираат богатство, купуваат џипови и имот во строгиот центар на Скопје, додека лицемерно пропагираат стремеж кон намалување на општествените разлики и наводно го критикуваат секој друг функционер што го прави истото како нив, ама е од друга партија.

Во суштина и оние во опозиција ги уживаат истите привилегии, како и оние на власт. Истата плата ја земаат сите пратеници во Собранието, без оглед дали се од владејачката или од опозициската партија. А, сепак, таа мала група манипулира дека се „јадни“, дека не се елита и дел од естаблишментот, кога апсолутно се.

Под „естаблишмент“ веќе извесно време, во светските интелектуални и образовни кругови, не се сметаат само центрите на официјалната моќ – иако тие секако се дел од него – туку на целата матрица на официјални и општествени односи во кои се остварува моќта. Тоа го вклучува и собранието со сите пратеници во него. Сите. Практикувањето на власта во Македонија не може да се разбере доколку не се признае дека се остварува општествено. Аутсајдер е лицето што не е член на овој естаблишмент. Народот е аутсајдерот, сите други функционери се естаблишмент.

Оттука, во денешна Македонија, секој што ужива привилегии и плати, кои мнозинството од народот не ги ужива, е елита и естаблишмент. Или во најмала рака, живеат во благосостојба во каква не живее останатиот народ. Само затоа што едните одбиваат да се дефинираат самите себеси како елита, а со цел да се покомотни да плукаат по спротивставената елита во нивната меѓусебна борба за тронови, не значи дека не се и самите овие дел од истата таа елита. Како секирата што ги манипулира дрвјата, дека само затоа што има дрвена рачка и таа е една од нив. Не е.

Секој оној што околу себе има луѓе што не ги плаќа за нивниот труд е робовладетел. Секој оној што има луѓе што работат за него (додека вешто манипулира дека се борат за „државата“), а ги плаќа од народни пари (не свои) под реалната цена на трудот, додека тие завршуваат три работни задачи, е експлоататор. Буржоазија кон робовладетелство е регресивен општествен систем. Ништо повеќе. Прикриени робовладетели под превезот на т.н. „деца на транзицијата“. Или неофеудалисти.

Пропагира прогресивен данок, а самите не го практикуваат во својот дом (партијата). Пропагира данок на луксуз, а самите не го применуваат во својот дом (партијата). Пропагира социјализам преку намалување на општествените разлики, а самиот се одлепува по богатство од оние околу нив, кои им даваат слепа доверба.

Лидер што пропагира дека во капитализмот во кој живееме нема средна класа и вели дека има само богати и сиромашни. Половина час подоцна, во истото интервју, за себеси вели: јас сум некоја средно висока класа.

Или нема средна класа во капитализам и ваквиот лик е богаташ (да, е), или нема средна класа, ама тој лик е некој единствен уникатен исклучок. Мислам дека сите ќе се сложат дека лидерот кој до вчера се идентификувал како дел од „децата на транзицијата“ е, всушност, класичен богаташ-експлоататор на човечка работна сила за личен интерес. Ништо повеќе.

Што ќе ни се тогаш да ги храниме со наши, народни пари? Зошто креираме нов бран буржуи, робовладетели одлепени од реалноста и отуѓени од народот? Зошто, со мојот глас и поддршка, да изигрувам Франкенштајн, да креирам нови чудовишта, кои утре мене прва ќе ме изедат?

Авторката е поранешна кандидатка за градоначалник на Општина Аеродром

 

 

Поврзани новости