Кредит од соништата или кошмар и измама?

by fokus

Гледаме телевизија и се појавува реклама за кредит со 0% камата, или чекаме автобус и тој се појавува целиот обвиен со текст за кредит без трошоци. Си викаме и онака ми требаат пари, зошто да не го земам кредитот кога ќе вратам исто колку што ќе земам, па нели така вика рекламата.

Но, дали навистина постои кредит со 0% камата или кредит без трошоци? Одговорот е краток и едноставен, не постои такво нешто.

Секогаш треба да имаме предвид дека не е можно финансиска институција, чија основна цел е максимизација на профит да дава кредити без камата или трошоци. Финансиските институции не се добротворни организации и никогаш не даваат средства без да остварат некаква добивка. Па, дури и да позајмиме пари од пријател или роднина, ќе очекува нешто за возврат, ако ништо друго, барем да го почестиме со кафе или ручек. Тогаш финансиската институција би очекувала да добие многу повеќе од кафето и ручекот доколку ни даде кредит.

Интересно е како овие финансиски институции, со цел да намамат клиенти, се рекламираат дека даваат кредити од соништата, дека даваат пари за да му помогнат на потрошувачот, а, всушност, позади нивната великодушност стојат скриени трошоци сочинети од разни провизии, кои сонот за кратко време го претвораат во кошмар.

Ни требаат средства, ни се брза, имаме итна потреба од парите и во глава ни се врти само дека кредитот е без камата и не ни текнува да прашаме колку ќе треба да вратиме на крајот од отплатата на кредитот, дали има некој дополнителен трошок. А службеникот мудро не ни соопштува никакви други трошоци. Го потпишуваме договорот, службеникот е среќен бидејќи има уште еден кредит, кој ќе му помогне да го исполни таргетот за месецот и да добие бонус, ни ги дава парите, ние заминуваме и тогаш почнува нашиот кошмар.

Го гледаме планот за отплата на кредитот и сфаќаме дека треба да вратиме двојно повеќе од износот што сме го зеле, ама како, нели кредитот беше без камата. Се враќаме во филијалата и службеникот сега веќе не толку љубезно како кога го зедовме кредитот, ни соопштува дека точно кредитот нема камата, но има провизија за апликација, провизија за брза исплата, административен трошок и уште многу други трошоци за кои не сме можеле ни да замислиме дека постојат. Службеникот ни вели дека сѐ е јасно наведено во договорот или на нивната веб-страница и прави да се чувствуваме дека ние сме виновни што не сме ја разбрале информацијата.

Сега имаме нова ситуација, каде што кредитот со вклучени сите дополнителни трошоци и провизии значително ни го зголемува долгот. Ратата за која претходно сметавме дека ќе биде поднослива за нашиот буџет, сега е преголема и почнуваме да го отплаќаме кошмарот. Првично се плаќаат провизиите и трошоците додека, пак, главниот долг ни стои.

Кога ќе дојдеме во ситуација дека повеќе не можеме да плаќаме, дознаваме дека ако сакаме да ни го продолжат рокот на отплата на кредитот, со цел да ни се намали ратата, повторно има трошок за пролонгација, кој воопшто не е мал. Немајќи каде, решаваме повторно да ја платиме провизијата што ја побарува финансиското друштво за да ни дадат подолг рок за отплата на кредитот, кој нели требаше да биде „без трошоци“.

Точно, сите сме одговорни за своите постапки и треба внимателно да се информираме и да прочитаме што потпишуваме, но одговорноста не е само кај корисникот на кредитот.

Секоја финансиска институција треба да се води по одредени начела, а најважно е да биде транспарентна и да не ја злоупотребува состојбата на клиентот за нејзин бенефит.

Транспарентноста подразбира дека неопходно е секогаш јасно и недвосмислено да се комуницираат сите трошоци што се поврзани со кредитот, со цел корисникот да може самостојно да оцени дали кредитот одговара на неговите финансиски потреби и можности. Секоја одлука за земање кредит треба да се донесе знаејќи ги сите информации што се потребни за да нема никакви изненадувања. Но, најчесто тоа не е така и трошоците поврзани со потрошувачки кредити, се премолчени и прикриени.

Сведоци сме на постојаното зголемување на бројот на граѓани што користат потрошувачки кредити, но и голем број што не се во состојба да ги отплатат своите кредити и запаѓаат во сѐ поголеми долгови. Причини за ова се и дополнителните трошоци што се наметнуваат, провизиите поврзани со задоцнета отплата или присилна наплата, како и поради сѐ позачестеното прекршување на правата на корисниците на потрошувачки кредити.

Свесни за оваа појава, Ние, група граѓани, го основавме Здружението КРЕДИТ ПРОТЕКТ Скопје, чија цел е промовирање, заштита и унапредување на правата на корисниците на потрошувачки кредити.

Здружението е независна, непартиска, нерелигиозна, непрофитна граѓанска организација, која се залага и презема активности за остварување и заштита на правата на корисниците на потрошувачки кредити.

Доколку и Вие се пронаоѓате како дел од овој кошмар, Ве повикуваме да се обратите во здружението со цел да Ви помогнеме да ги остварите Вашите права и заедно да се избориме против неетичкиот и нефер начин на постапување на финансиските институции кон корисниците на потрошувачки кредити.

Здружение КРЕДИТ ПРОТЕКТ Скопје

kreditprotekt@kreditprotekt.mk

Поврзани новости