Моето присуство на 228 собраниски седници, 199-те излагања во пленарни седници и 94-те излагања во телата на Собранието, 504-те реплики и контрареплики како и поднесените 9 закони, 789 амандмани и 44 пратенички прашања се доволен доказ за мојата двегодишна работа како Пратеник во Собранието на Република Македонија.
проф.др. Изет Зеќири
Како е да се биде пратеник во Собранието на РМ, тоа искуство имав прилика да го доживеам во периодот 25.06.2011 до13.05.2013. Некои од страна, па дури доста од нив кои седат во парламентарни клупи, би рекле дека нема по релаксирачка функција одошто да бидеш пратеник. Така и се однесуваат. Ако се во опозиција, се знае, притискај копче и дискутирај накратко или нашироко против се што се предлага. Дискутираш против и кога мислиш дека не си во право. Ако си дел од парламентарно мнозинство, или подржуваш се, или премолчуваш ако нешто не ти се допаѓа. Тие мораат да креваат рака „за“, не бидејќи така се убедени, туку, затоа што така мораат. Многу ретко кај нас се наоѓаат пркосни и доблесни парламентарци кои како во многу по консолидирани демократски земји, се однесуваат според својата совест и убедување, кои на прво место ги ставаат интересите на оние кои ги гласале. Тие дури не се обидуваат креативно да ги поправат или покријат дупките кои се очигледни во некои закони што ги предлагаат „нивните“ од власта. Дали мислат дека парламентот е подолу во рангирањето на трите власти, или се подолу според интелектуалните капацитети од тие кои се во извршната власт, или својата подреденост ја сфаќаат како партиска директива. Безмалку, се однесуваат како во комунизмот кога директивите доаѓаа од фамозното ЦК.
ЗОШТО ОВОЈ НЕОБИЧЕН НАСЛОВ НА КНИГАТА
Јас во својот краток мандат ја имав таа среќа да ги видам одблиску сите ситуации. Можев да бирам да бидам против се што ќе се ставеше на дневен ред, бидејќи таква ми беше позицијата на опозиционер. Можев да калкулирам и да си траам, како многумина кои влегуваат во негативните статистики на пасивни посматрачи на се што се случува во парламентот. Но одбрав да бидам полезен член на парламентот. Одбрав да не бидам рамнодушен посматрач, туку да се обидам да ги поправам работите каде што сметав дека можам. Одбрав да бидам креативен, и ако поддржам нешто или ако бидам против, својот став да го изградам со цврсти аргументи. Затоа не сакав да бидам априори против само затоа што сум опозиционер, туку затоа што сметам дека онаа што ни се сервираше од власта, е беше совршено. Ако власта предлага нешто во име на општите интереси, не значи дека тие не можат да се подобрат, дека се совршени и како такви треба само да се гласаат „за“. Затоа, можеби им станав досаден со моите дискусии, предлози, сугестии и амандмани, но тие беа плод на мојот студиозен пристап. Значи, јас бев КРЕАТИВНО ПРОТИВ оние кои некритички цело време беа “ЗА“. КРЕАТИВНО ПРОТИВ оние кои никогаш не се продлабочуваа во проблемите, никогаш не ги анализираа решенијата од „нивната“ влада, па затоа секогаш беа ЗА и кога тие требаше да бидат ПРОТИВ.
Затоа, се роди оваа книга во која е ставен сиот мој вложен труд во собраниските клупи, насловен со овој на прв поглед тешко сфатлив наслов. Тој наслов е добронамерна препорака на пријатели и мои гласачи кои така го гледаат и доживуваат мојот недовршен мандат, односно моите настапи. Ако тие така го сфатиле онаа што сум го сработел, тоа значи дека мојот труд не бил залуден, дека и да не сум ги постигнал целите, сум го постигнал да дадам пример дека пратеникот не е само да дига два прсти, туку дека треба да ги застапува интересите на граѓаните, да ги препознае проблемите но и да нуди решенија. Многу искрени укажувања на објективни луѓе, ми даваат за надеж да верувам дека иако краток мојот мандат, кој сам го прекинав поради принципиелни причини, сепак повеќе беше креативен одошто критизерски.
Денес, политиката како практика има прераснато во една од почестите дејности во која се вклучени граѓаните на Република Македонија преку некоја од основните форми на политичко делување. Меѓутоа, многу малку во политичката скена во Република Македонија може да стане збор за вистинска примена на начелата на политологијата како наука за политиката. За жал, политиката за мнозинството граѓани има станато секојдневие, за некого единствена можност да се излезе од безизлезната ситуација, за трети можност јавно да се борат за заштита и унапредување на државните интереси, за четврти можност јавно да се изборат за заштита на интересите на нивните етнички заедници. За наша несреќа, во Република Македонија се има изградено една моќна клика на луѓе кои политиката ја гледаат како лукративна дејност, како можност за создавање богатство во текот на ноќта и зачувување на истото во текот на денот.
УБЕДЕН ВО МАКСИМАТА НА ЛИНКОЛН
Јас како универзитетски професор, научен работник и публицист, добар познавач на општествените прилики во Република Македонија, со надеж дека ќе успеам да воведам професионализам во дневната политика, во 2011 година станав Пратеник во Собранието од редовите на Национална Демократска Преродба. Целосно убеден во максимата на Линколн „Влада на народот, од народот и за народот„ при моите парламентарни дискусии перманентно се залагав да ја исправам власта и да ги насочам нејзините активности кон интересите и барањата на граѓаните на Република Македонија.
Моето присуство на 228 собраниски седници, 199-те излагања во пленарни седници и 94-те излагања во телата на Собранието, 504-те реплики и контрареплики како и поднесените 9 закони, 789 амандмани и 44 пратенички прашања се доволен доказ за мојата двегодишна работа како Пратеник во Собранието на Република Македонија.
Моите дискусии изобилуваат не само со едноставно идентификување на пропусти, недоследности, недостатоци и проблеми, туку и со оригинални идеи и вредности чија единствена намера беше власта и партиите да се поттикнат заеднички да придонесат кон реализација на владината програма.
Сметам дека на политиката и се потребни и активни граѓани и активни претставници на граѓаните кои земаат учество во политичките дискусии со свои идеи, барања и очекувања и кои активно придонесуваат кон функционирањето на политичките институции. Како парламентарната опозиција и како пратеник често сум ја дотерал владата и владините министри во ќош со дискусии, предлог закони, амандмани на предложени закони. Оваа се случуваше во ситуација кога владините партии, обично се воздржувале од критика кон сопствената влада или изразува критика кога се во прашање детали или дискусии околу тековните проекти а во доста ситуации немале и аргументи.
Имајќи предвид дека без знаење и компетентност не може да се замисли успешно функционирање на современите политички системи, сметам дека успеав во мојата намера преку примена на менаџерските и организационите знаења да се пробијам низ редовите на конкуренцијата, и покрај фактот што не бев претставник на ниедна од поголемите политички партии.
СИСТЕМ НА ПРЕДВРЕМЕНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Во денешно време на висока стапка на развој на информационите технологии, средства за информирање, интернет порталите очигледно предизвиците со кои се соочува еден пратеник се екстремно високи, се разбира доколку истиот сака навистина да придонесе за создавање на една подобра иднина за сите нас. Пратениците, иако на некој начин се сведени на делегати од нивните матични партии во Собранието, сепак играат значајна општествена и политичка улога. Тие треба јасно и гласно од име на граѓаните да ги идентификуваат пропустите и да укажат на потребата за нивна промена. Сепак, една современа демократија тргнува од поставката дека носител на авторитетот во една држава се граѓаните кои на избори нивниот авторитет го пренесуваат на нивните пратеници.
Иако целосно свесен дека Собранието претставува во крајна смисла на зборот колективен орган, сметам дека и поединечните пратеници може преку јасно и разбирливо презентирање на своите ставови да иницираат нови политички иницијативи или во дадени случаи дури и да ги сменат тековите на постоечките политички процеси. За да успеат во сево ова, неопходни им се специфични знаења и умешност, како основа за носење подобри решенија, а со тоа и за водење ефективна политика, за да го олеснат политичкиот дијалог, да ја обезбедат легитимноста на политичките дејствија, повисоко ниво на поддршка за наредните стратегии и, на тој начин, да овозможат поддршка на самиот политичар.
Овие знаења и умешности имаат најмалку две страни. Едната е професионалната компетентност, знаењата за суштината и содржината на политиката. Другата е способноста да се предизвика доверба во сопствената личност и во сопствените политички ставови. Ако еден политичар сака да извршува активна и значајна улога, тој има потреба од тие знаења и умешности, специфични по својата содржина и форма. Ова издание е практично упатство како да се добијат, или да се подобрат умешностите од овој втор аспект.
Во мојата работа како пратеник сум користел различни методи за извлекување информации и нивната трансформација во аналитичка аргументација и со помош на аргументите постојано сум се судрил – при разговори, дискусии, спорови, приговори – со поимот “аргумент”; “Моите аргументи се…” додека во многу случаи и другите пратеници беа приклучени кон моите аргументи. Во мојата работа како пратеник сум го користел СИСТЕМОТ ЗА ПРЕДВРЕМЕНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ за настаните, проблемите и решенијата. Секој материјал во законодавниот дом сум го проучувал како академско истражувања, како извор на теоретски знаења за поврзаноста меѓу причините и последиците. Сум анализирал статии и други релевантни текстови за таа проблематика се со цел да добиеме теоретски одговори на поставените прашања . Систематски и постојано сум прибирал податоци за сите индикатори. Најчесто моите дискусии за одредени прашања, беа во насока за предвремено сигнализирање за проблемите што можат да содржат потенцијал за радикална и брза промена.
Во оваа книга главните теми што се обработени се проблемите од различни области на човековите права, демократијата, нејзините вредности и практики, владеење на правото и за принципите на социјалната пазарна економија.