1.6K
Сопственичката на студиото ,,Фран”, модната дизајнерка и стилист Фросина Ангеловска, позната во јавноста и како македонска Моника Белучи, поради фотосесијата која ја направи пред повеќе години, а за која многумина помислија дека станува збор за позната италијанска актерка, времето во карантин го искористила доста креативно. На радост на дамите со облини, на трудниците и доилките, таа времето минато дома го посветила креирајќи нова модна линија на парчиња кои умешно ги прикриваат недостатоците, а ги истакнуваат атрибутите.
Таа за ,,Фокус” раскажува дека самата таа, како плус сајз девојка, а од пред две години и мајка, буквално ги познавала сите предизвици со кои се соочувала оваа група, па се потрудила да направи комплетни парчиња гардероба, кои истовремено ќе бидат модерни, идеално ќе стојат, да бидат убави, а исто така да сакаат да ги носат и, како што вели, девојките кои не се плус сајз.
-Идејата за плус сајз/трудничка линија се крчкаше подолг период, но работните обврски и брзото темпо на живот на ми оставаа доволно простор за реализација. Корона- времето за мене донесе многу предизвици, но и ми пружи шанса во тој безработен период да се посветам на оваа моја долгогодишна желба и конечно да и дадам живот на идејата. Како плус сајз девојка поголемиот дел од мојот живот , а и мајка од пред две години, можам нескромно да кажам дека ги познавам буквално сите предизвици со кои се соочуваме и се трудам со овој мој потег да ги покријам сите проблематики на оваа целна група. Од тоа парчето идеално да стои, до парчето да е модерно, да е убаво, да сака и не –плус сајз девојка да го носи … Дамите кои се елегантно пополнети неретко се соочуваат со дефицит на конфекциски бројки во поголемиот дел од брендовите кои се продаваат и кај нас, а и по светот, па дури и да најдат големини, не е загарантирано дека ќе им стојат совршено бидејќи секоја жена има карактеристичен облик на тело (песочен часовник, осмица, правоаголник,триаголник, овал, и обратен триаголник), а кај покрупните тоа е уште поизразено. Па дури и да најдат нешто, тоа се најчесто работи кои се помалку модерни, а повеќе ,,универзални”. Да не звучам грубо – бапски –раскажува Фросина, која е дипломиран моден дизајнер по професија.
Таа дипломираше на престижниот универзитет за мода – Полимода во Фиренца, Италија во 2009 година, а потоа 6 месеци живеела во Осака, Јапонија каде имала прилика да посетува дополнителна настава на уште еден популарен универзитет-Осака Бунка фешн колеџ.
-Јас уште одамна ја искусив потребата да си направам нешто ,,кроено како за мене” и така се ,,дотерувам” сите овие изминати години, па решив таа можност да им ја отворам на сите покрупни дами кај нас. Парчињата се правени ,,за мој мерак”, односно тоа е нешто што првенствено и самата би го носела, значи се модерни, од убави материјали и повеќенаменски, неизоставувајќи го моментот дека треба да стои на речиси секој тип на фигура. Потоа им оставам простор за дополнителна персонализација на секој модел, нудејќи им разни бои и дезени и секако најбитното е дека сите модели се изработуваат по мерка за секој клиент. Значи ти се допаѓа фустанчето, но би сакала да е во црвена боја наместо црна, да е од памук наместо свила и сакаш да е подолго, сите тие опции се отворени. Бидејќи моменталната состојба сите не преориентира кон онлајн продажбата, имаме припремено инструкционално видео како да си ги земете сами мерките што ни се потребни за да го приготвиме вашиот персонализиран модел. Исто така имаме приготвено и табела во која можете да го пронајдете вашиот идеален конфекциски број доколку се одлучите моделот да ви биде изработен по конфекциски стандарди и секако отворена е опцијата да не посетите во нашето студио, ние да ви ги земеме мерките, а воедно и да пробате некој од експонатите доколку сакате – појаснува Ангеловска.
Таа вели дека пресудно дали ќе се купи некое парче е истото да се види, да се допре материјалот, да се види вистинската нијанса, нешто кое не е возможно при купување онлајн.
-Сите модели се направени имајќи ги на ум и трудниците. Значи сите панталони се со заден еластичен појас, фустаните и сукњите имаат доволно простор да сместат трудничко меше, а наскоро ќе има и блузички со крој адаптиран за доилки и малку поконкретни парчиња за оваа група на дами. Сите парчиња можат да се погледнат и нарачаат на нашите Фејсбук www.fb.com/FranbyFrosina и Инстаграм www.instagram.com/franplusfashion страни, како и на онлајн шопинг страната www.alidedo.mk каде многу транспарентно се истакнати сите детали за моделот и цената . Кога сме веќе кај цената, се потрудивме да ги адаптираме цените кон нашите стандарди и одиме со минимална скоро никаква заработка. Ќе повторам, секој модел се изработува специјално за вас со многу внимание, што значи ние ден-два работиме ексклузивно на вашето парче – мануфактура, згора на тоа користиме и навистина убави материјали, што во никој случај не е исто како да купите парче произведено во конфекциски услови, а цената е тука некаде – раскажува дизјанерката.
Таа открива дека познати модни брендови поретко изработуваат модели во величини ХЛ или ХХЛ, бидејќи економски е неисплатливо, поради тоа што за изработка на еден таков модел секогаш е потребно многу повеќе материјал, отколку за помалите величини.
-Како пример ќе земам еден комбинезон од познат бренд, чија цена е околу 4.000 денари, го има во С, М, Л величини и постојат такви околу 100.000 парчиња во светот, произведени во некоја земја каде што работната рака е под сите стандарди. Истиот тој бренд не изработува ХЛ, или ХХЛ од многу парчиња, бидејќи не е економски исплатливо. Ако во еден пар С-М панталони оди околу 1,20 метри материјал, во едни панталони ХХЛ оди околу 2 до 2,50 метри материјал. Ние изработуваме комбинезон персонализиран кон вашите потреби за помалку-повеќе истата таа цена. Искрено се надеваме дека оваа наша приказна ќе им се допадне и ќе им биде од корист на многу дами, а со тоа ќе имаме шанса повеќе да работиме на нови парчиња, колекции и слично. Ние навистина ова го работиме со многу љубов, а позади нашата работа секако стојат и многу години искуство во оваа област. Од една мајка со облини, до сите вас со љубов – порача Фросина, која за нашите читатели промотивно сподели фотографии на дел од моделите од новата колекција.
Вики Клинчарова