Португалија е тука и понатаму да ја поддржува вашата земја во текот на целиот процес на пристапување кон ЕУ, можете да сметате на нашата политичка, техничка и друга поддршка. Сметаме дека пристапувањето на Северна Македонија е од суштинско значење не само за Северна Македонија и регионот, туку и за ЕУ и ние сме убедени во ова и ќе ве поддржиме на секаков начин. Ова го изјави шефот на португалската дипломатија Жоао Гомес Кравињо на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот македонски колега Бујар Османи.
Гомес Кравињо не очекува дека во текот на преговорите на земјава со ЕУ повторно ќе има билатерална блокада од Бугарија, што за него, е заокружено прашање. Во одговор на новинарско прашање во што беше подобрен португалскиот предлог, вели дека во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно.
– Вложивме многу напори во текот на нашето претседавање да составиме еден предлог со кој сакавме да биде прифатен. Што го прави францускиот предлог подобар? Во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно. Ако погледнете над хоризонтот, а не да се сконцентрирате само на моменталните случувања. Затоа оддавам признание на македонското раководство за надминување на потешкотиите и што го помрдна процесот напред. Направен е многу важен чекор напред. Веруваме дека договорот кој е постигнат е договор којшто овозможува почеток на процесот на скрининг што е доста интензивен и технички има две фази. Првиот е објаснувачки скрининг, ЕК ги објаснува различните фази односно аспекти на законодавството, потоа следува билатералниот скрининг кога се утврдуваат јазовите во законодавната рамка на Северна Македонија, вели Гомес Кравињо.
Значи, додаде Гомес Кравињо, почнува овој скрининг процес, потоа ќе се одржи втората меѓувладина конференција веднаш штом ќе заврши скринингот и штом ќе се заокружат уставните измени.
Тој оцени дека сите земји имаат тешки моменти во текот на преговорите, но, кажа, и во случајот на Северна Македонија не гледа причина дека ќе има билатерални блокади.
– Мислам дека е од суштинско значење во меѓународните односи, во меѓународната политика да веруваме на дадениот збор на ставениот потпис на преземената обврска. Билатералното прашање за кое поинтензивно разговараат Северна Македонија и Бугарија е заокружено. Има заклучок, заокружувањето на тоа прашање беше обележано со меѓувладината конференција на 19 јули. Не очекувам ова прашање повторно да се покрене. Не гледам причина зошто би се покренало истото прашање. Како што кажав, верувам кога нашите партнери, колеги, други земји и кога ќе дадат збор, кога ќе потпишат документ дека ќе го исполнат. Така функционираме внатре во ЕУ затоа што во рамките на ЕУ интензивно соработуваме меѓусебно, но и со земјите кандидати за најразлични прашања. Ако почнат блокади без оглед на тоа што е договорено ќе се парализира целото функционирање, истакна Гомес Кравињо.