Пишува Ида Протугер Вељковиќ
До крајот на овој месец, Светска банка ќе објави стратешки документ за Македонија, насловен Систематска дијагностика на земјата. Систематската дијагностика на земјата за прв пат се прави за Македонија, а е документ кој од 2014 година Светска банка го воведе како задолжителен пред потпишување на Стратегија за партнерство со некоја земја. Го изработуваат стручњаци од Светска банка во партнерство со домашни експерти. Ги утврдува “болните” точки што го кочат развојот на земјата и го предлага “лекот” како до инклузивен и одржлив економски раст што ќе донесе просперитет.
Овие два збора инклузивен и оддржлив раст, заедно со јавните трошења ми беа од голем новинарски интерес во времето кога редовно следев економија и оттука, во очекување на овој документ, ќе се обидам да составам лична Систематска дијагностика на земјата со фокус на потребата од евроинтеграција.
За понеупатените, економскиот раст е бројка изведена од формула која ги вклучува јавната и приватната потрошувачка, увозот и извозот и инвестициите. На пример, вие можете да постигнете економски раст и со едноставно позајмување пари или креирање поголем буџетски дефицит, со што поголемата сума пари во економијата ќе генерира раст на јавната и следствено, на приватната потрошувачка и крајната бројка за економски раст ќе порасне. Но дали е тоа здрав раст , односно инклузивен и одржлив?
Еве конкретен пример. Владата на Груевски го зголеми буџетскиот дефицит и следствено јавниот долг, со позајмување пари од кои голем дел инвестираше во проектот Антиквизација на Македонија. Пред да се осврнам на штетноста на тој проект по нашата европска интеграција и влошувањето на позициите во преговорите со името, само накусто за економските штети.
Во годините кога се градеше централниот дел од овој проект (Скопје 2014), земјата забележа раст дури и во услови на светска криза, а голем дел од граѓаните велеа “важно се гради”. Во буквално истиот момент кога на сцена беше тезата “важно се гради”, бев со телевизиска екипа во Мариово, да снимам репортажа на тема инклузивен раст за да покажам дека еконоскиот раст со кој владата тогаш толку силно се фалеше, не стигнал до македонските села. Односно не е инклузивен, немаат сите еднаква корист од него, туку тој се слева како придобивка само во џебовите на малкумина. Селата беа речиси празни, без водовод во многу од селата, без амбуланти и училишта. Лекар од Прилеп ги обиколувал сите села во сабота, а првото училиште од многу села беше оддалечено со километри. Семејството каде сминавме имаше три дечиња и мајката се заблагодаруваше што се здрави, затоа што ако се разболат на пример во недела или понеделник, а е зима, тешко може да стигнат до лекар во Прилеп.
Се разбира, ако е скапо да се гради водововод до полупразно село, може да се најде порационално решение да им се понуди на тие луѓе алтернатива за достоинствен живот. Но не, битно беше да се гради центарот на Скопје.
Во меѓувреме бевме сведоци како болниците пропаѓаат, никнуваат факултети со инстант професори кои можат единствено да предаваат незнаење, железничкото поврзување исток – запад и север – југ остана во застарените проекти и изборни програми, автопатите се симнаа од приоритет затоа што, како што кажа тогаш Груевски, луѓето користеле повеќе регионални патишта и така ние дојдовме на дното на сите можни листи кои се индикатори за човековиот развој (смртност на доенчиња, лоша инфраструктура, медиумски (не)слободи, загадување итн).
Во исто време, нашиот нерешен проблем со името остана, а Грција немаше никаква штета од тоа. Груевски мислеше дека со споменикот на Александар им покажува среден прст на Грците (платен со пари на нашите даночни обврзници), а тие спокојно ни ја сосекоа железничката конекција од Солун и со пари од европските фондови (на даночните обврзници на ЕУ) си го изградија Коридорот 4 кој стана алтернатива за нашиот неизграден Коридор 8 и така ние од приказните за “папокот на светот” се сместивме во реалноста дека сме слепо црево на Балканот. Бидејќи бевме надвор од ЕУ. Се разбира има се уште огромна група луѓе во Македонија што овие податоци не ги знае и не сака да ги знае бидејќи истата нерационална теза “важно е да се гради” која не се темелеше на економска и развојна оправданост (естетската е друга приказна) сега вели “не ни треба ЕУ”.
Погрешните приоритети во трошењето на јавните пари и задолжувањето за таа цел, ни го стеснија просторот за инклузивен и одржлив економски раст, односно таков кој би се темелел на здрави политики кои ќе генерираат натамошен раст и инвестиции.
Таа влада донесе странски инвеститори во слободните зони кои во однос на пренос на знаења и технологии и вработувања беа добра политика, но да бевме во НАТО како организација која ганрантира безбедност, веројатно ќе заштедевме милиони евра буџетски пари кои им се даваа на овие инвестирои како компензација за ризикот што инвестираат кај нас. Од друга страна домашниот приватен сектор остана со иста структура, во најголем дел мали и средни фирми, а и тие што имаа поголем капацитет за инвестиции, се воздржуваа од вложување пари во погони и машини бидејќи економијата беше строго контролирана од фамилијата, па ако на некоја фирма и тргнеше добро, имаше примери дека едно утро сопственикот можеше да се разбуди со пари на конто кои не ги барал ниту се еднакви на неговата процентета вредност на фирмата, но “некој” едноставно му ја “купил” фабриката по цена од свое видување. Тој период на воздржаност од инвестиции во погони и машини значеше драгоцено време што македонскиот приватен сектор ќе го искористеше за да се доближи до стандардите и конкуренцијата во ЕУ и ќе ја подобреше сопствената конкурентност. Да не зборуваме за јалово потрошените донации што приватниот сектор ги даваше за партиски кампањи во период кога скоро секоја година имаше избори за да се зацврсти Груевски на власт.
МН: Не сме “племе” само имаме проблематичен менталитет
Се разбира, нерационалност не е одлика на владеењето само на Груевски, но со него доживеа хајлајт. Целиот овој вовед е да се даде одговор на двете тези кои според мое гледање се исто нерационални, а тие се дека:
- Можеме сами без ЕУ да ги средиме домашните проблеми
- И втората, дека промената на името како “жртва” е поголема од бенефитите да сме дел од ЕУ.
Прво, имавме 27 години време сами да си ги средиме проблемите. Горенаведените политики покажаа дека сме имале поинакви приоритети. Додека ние градевме барок зданија кои попуштија под првиот посилен дожд, САД и ЕУ со пари од нивните даночни обврзници ни ги поправаа училиштата, болниците, инвестираа во наводнување, ни помагаа да воспоставиме основна комункација, инклузивност и почитувања на правата на сите граѓани кои живеат овде, дури и ѓубрето ни го чистеа. Е да, не сме “племе”, збор кој е прејак за стомакот на многумина, па да се изразам политички коректно, имаме само проблематичен менталитет и приоритети. Тука вреди да се запомни дека ние новинарите пишувавме и пренесувавме предупредувања од стручни луѓе дека теренот на левата страна на Вардар е песоклив, лесно ќе понира вода и дека тие градби се неквалитетни и енергетски неефикасни. Се разбира, секој кој ќе предупредеше на нерационалност во таквите политики, во време кога мнозинството беше опиено од приказната дека сме наследници на Александар, бевме етикетирани како предавници. Исто и сега, секој кој укажува на нужноста од интеграција како услов за развој, добива во најмала рака етикета предавник, а во проширена варијатна еден куп навреди и погрдни епитети.
Да се вратам на Систематската дијагностика. Таа за економија како Македонија не треба да е сложена и не е моја туку на речиси сите експерти во земјава кои се горе долу согласни и за потребниот “лек”. Ние сме мала земја, без излез на море, со бројка за два милиона жители (која е сомнителна бидејќи не е проверена со попис скоро 20 години), со извозен капацитет кој се темели на работата на неколку компании од автомобилската индустрија во слободните зони, но со мала додадена вредност во домашната економија (тие компании скоро се што извезуваат, го увезуваат како суровина и додадената вредност во најголем дел се само платите на вработените). Зависни од увоз на струја, со многу безуспешни обиди надвор од ЕУ (и европските фондови) да го зголемиме енергетскиот капацитет и што е невозможно без странски пари. Со лоша инфраструктура која дополнително ги прави неконкурентни нашите компании на кои не им е олеснет транспортот и која може да се изгради единствено со странски пари (ЕУ фондови, ЕБРД, Светска банка). Со лоша буџетска структура каде капиталните инвестиции секогаш се жртва во обид да се покријат трошоците како плати за администрацијата која е неефикасна бидејќи се темели на вработувања според партиски потреби, а не знаења и вештини.
Оттука, потребните реформи бараат зголемување на извозниот потенцијал (кај домашниот сектор), промената на буџетската стуктура на страната на потрошувачката кон зглемување на развојниот дел, департизација на администрацијата, зголемување на енергетските капацитети, потикнување вработувања во приватниот сектор и инвестиции во инфраструктурата. Горе долу овие мерки стојат и во секоја Претпристапна европска програма (ПЕП) која е стратешки документ на Министерството за финансии, но која останува само на хартија, дури и воведниот дел на министерот кој е полн празни флоскули. Бидејќи сум пишувала посебна колумна на таа тема (“На Македонија очајно и е потребен Давос”) само да повторам, нели за 27 години можевме да постигнеме консензус околу стратешките долгорочни политики кои ќе донесат развој на земјата? Тие треба да се надпартиски и да се постигне консензус вклучувајќи ја целата експертска јавност и политичките субјекти кои ќе треба да ја спроведуваат таквата визија. Бидејќи потребното време надминува еден политички мандат. Но, дури и најдисциплинирано да се држиме до договорената визија (која за 27 години се уште не е ни договорена), таа не може да се спроведе со парите на два милиони даночни обврзници. Интеграцијата е клучна. Ако не е ЕУ, тогаш да ги видиме другите опции? Јас до сега не сум чула таква.
Бројките од последниот извештај на Државниот завод за статистика велат дека од вкупниот извоз лани во вредност од пет милијарди евра, нешто над четири или 81% се со земјите од ЕУ. Од вкупниот увоз од 6,8 милијарди евра, 4,3 милијарди или 63% е од земјите од ЕУ. Во 2012 година (претходни податоци се недостапни на страната на ДЗР) 65% од извозот бил во земјите од ЕУ и од таму, 60% од увозот. Ако друга влада, пример таа на Груевски, имала поинаква визија надвор од ЕУ и НАТО, а без компромис за името, зошто не ни ја понудила?
МН: Има ли алтернатива за ЕУ?
Напротив, наместо рационална алтернатива, се шири уште една заблуда, дека сме биле уценети за влез во ЕУ. Јас не гледам на пример така на работите. ЕУ е заедница која си има свои правила, односно “куќен ред”, како што има и едно семејство како заедница на микро ниво или една заедница станари на пример. Тој “куќен ред” вели дека ако си скаран со соседот, ќе треба проблемот да го решиш пред да се “вселиш во зградата” за да не носиш конфликти кои ќе го отежнат заедничкиот живот на целата заедница. Решавањето на проблемот со соседот трае 27 години и секој политичар кој седнал на преговарачка маса, знаел дека единствено решение е компромис, а ако не сакал да се согласи да го решава проблемот, чесно било да каже дека ги напушта преговорите бидејќи компромисот секако значи дека името ќе се менува. Било неразумно барањето на Грција да го смениме името? Точно, но таа е во ЕУ и ништо не губи, а наш стратешки интерес е влез таму, бидејќи ако се зборува со факти, живот надвор од интеграција во опишаните околности за Македонија е едноставно невозможен. И контра прашање. Разумно беше од наша страна да ја фалсификуваме историјата каде македонските ора ќе почнат да се играат со антички штитови и копја како врв на апсурдот и лагата?
Жално е што дискусијата се уште не можеме да ја сведеме на рационално ниво, со аргументи и без навреди, така што ситуацијата најдобро ја опишува еден твит кој често се користи деновиве: “На кој јазик зборувате дома? Не зборуваме, скарани сме”. Е тоа е проблемот со менталитетот кој точно, нема да почне автоматски да се менува со почнувањето преговори со ЕУ, но ќе почне да се “модернизира” со воведување два задолжителни предмети во македонското образование уште од прво одделение: критичко размислување и развој на свест за околината и заедничкото добро. Овие нешта во развиените земји се учат уште од градинка и резултираат со сликата која пред некој ден ја видовме на фудбалските трибини во Русија каде јапонските навивачи ги исчистија трибините, и тоа по поразот на нивната репрезентација. Не кршеа и палења знамиња разулавено, туку си го исчистија ѓубрето. Со свест за заедничката околина и заедничкото добро.
Затоа Мицковски е добро да размисли дали е битно да јава на популизмот за дневно политичка лична корист и да го хушка народот без да понуди аргументирана алтернативата на ЕУ ако за неговата партија е неприфатлив компромис со Грција или да порасне во лидер со визија за развој на Македонија, преземајќи ја одговорноста каде ја води опозицијата.
И конечно, токму ЕУ им треба како “коалициски” партнер на македонските граѓани, за да им помогне да ги зауздаат политичарите на кои им одговара заробена држава. кога ќе почне скрининг процесот, експерти од ЕУ од сите области ќе влезат во македонските институции за да утврдат што треба да се направи за да не се трошат незаконски и за погрешни приоритети парите што граѓаните ги уплаќаат секој месец во буџетот. За да не се повтори Груевски и неговите пресметки со стопанственици за кои се радуваше дек им “тече низ ногавици”, кој тајно купуваше мерцедес од 500 илјади евра со масажери додека немаше пари за Тамара, кој плаќаше силна пропаганда за вестите од мизерните услови од болниците и училиштата, инфраструктурната изолација и фактите да не стигнат до граѓаните. Чија “фамилија” ја запоседна економијата и државата. ЕУ не им треба на политичарите. Таа им треба како партнер на граѓаните.