Забраната за сообраќај на патниот правец Дебар – Маврово, во близина на селото Долно Косоврасти, која беше воведена утрово во 8 часот е укината, јави дописникот на МИА.
Со максимална ангажираност на вработените во дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, оспособен е помошен пат и според раководителот на секцијата, Деар Лиманоски, возилата непречено се движат.
– Прекинот во сообраќајот од 8 часот беше како последица на појава на кратер, пропадната дупка на коловозот со длабочина од 20 и широчина од 5 метри. Продолжуваме со пополнување на кратерот со песок. Поради тоа до 12 часот сообраќајот беше пренасочен преку Струга, изјави Лиманоски за МИА.
Во исто време, тој препорачува внимателно возење на сите патни правци кои се под надлежност на секцијата, поради појава на помали одрони.