Данскиот милијардер Андрес Повлсен ги изгуби трите деца во терористичките напади во Шри Ланка. Веста дека три, од четирите деца на Повлсен се убиени, за светските медиуми ја потврди потпаролот на неговата компанија „Бестселер”, Џеспер Стабкир.
-Можеме да ви потврдиме дека три деца се убиени. Немаме повеќе коментари и ве замолуваме во овие моменти да ја почитувате приватноста на семејството – изјави тој.
Милијардерот кому му се случи трагедијата во светот уште е познат и како некрунисаниот крал на Шкотска, бидејќи поседува голем имот во тој дел на Обединетото кралство. Има стотици хекрати на земја, дворец, национален парк… Според листата на „Форбс” неговото богатство се проценува на 7,9 милијарди долари.
Тој е сопственик на големиот меѓународен ланец за облека „Бестселер” во чиј склоп се и брендовите Веро мода и Џек & Џонс. Со неговата сопруга Ен Сторм Педерсен се запознале додека таа работела во продажбата на „Бестселер”.
Во бракот ги добиле четирите деца Алма, Агнес, Астрид и Алфред. Само неколку дена пред несреќата нивната ќерка Алма на Инстаграм објавила фотографија од сестрите и братот како седат покрај базен во Шри Ланка.
Брачниот пар е познат по својата заложба за зачувување на природните богатства во Шкотска. Биле вклучени во британскиот национален план за пошумување и вложиле милиони фунти за реновирање на шумски колиби и селски куќички, кои потоа се изнајмувале.
Вики Клинчарова