Британскиот крал Чарлс денеска му го довери мандатот за формирање на новата влада на Велика Британија на лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер, по убедливата победа на неговата партија на парламентарните избори.
Назначувањето на Стармер за премиер беше потврдено од Бакингемската палата.
„Кралот го прими на аудиенција уважениот Кир Стармер и побара од него да формира нова влада. Стармер ја прифати понудата“, објави Бакингемската палата, пренесе Гардијан.
По Бакингемската палата, Стармер се упати кон Даунинг Стрит, која е седиште на британската влада.
Тој и се обрати на нацијата за првпат како премиер и во воведниот говор рече дека сака да му се заблагодари на Риши Сунак, додавајќи дека неговото достигнување како прв британски азиски премиер на земјата не треба да се „потценува“. Исто така ја препознава напорната работа што Сунак му ја донесе на неговото раководство.
Новиот премиер на Велика Британија порача дека земјата гласала за промени и дека недовербата кај граѓаните може да се врати само со дела, а не со зборови.
– Нашата земја гласаше за промени и политиката може да биде добра сила, која ќе ја покажеме. Земјата е на прво место, а партијата на второ – рече новоименуваниот премиер во обраќањето до јавноста во Даунинг стрит, каде е седиштето на британската влада, пренесува Би-Би-Си.
Тој истакна дека е дојдено време за промени во земјата, но дека тоа не може да се случи преку ноќ.
– Ќе биде потребно време, но работата на промените ќе започне веднаш – изјави Стармер.
Тој нагласи дека неговата влада ќе биде посветена на „мирна и трпелива реконструкција“ која ќе биде поддржана со почит и понизност.
Стармер сигнализираше нова ера за Британија. Тој вели дека јазот што се зголемил меѓу луѓето и политичарите довел до „замор во срцето на нацијата, исцрпување на надежта, духот, вербата во подобра иднина“.
На општите избори во Лабуристичката партија освои 410 од 650 места во Долниот дом, со што стави крај на 14-годишната влада предводена од конзервативците.
Претходно денеска, сега веќе поранешниот премиер Риши Сунак му поднесе оставка на кралот Чарлс.