Британската кралица Елизабета Втора во саботата, по повод 70-годишнината од нејзиното устоличување, рече дека би сакала војвотката од Корнвол, Камила Паркер, да ја добие титулата кралица кога принцот Чарлс ќе стане крал.
Во пораката по повод 70-годишнината од нејзиното владеење, кралицата вели дека нејзина „искрена желба“ е Камила да ја добие таа титула, пренесе Би-Би-Си.
Пораката на кралицата, по повод годишнината од нејзиното доаѓање на тронот во 1952 година, директно се однесува на нерешеното прашање за идната титула на војвотката од Корнвол, пишува Би-Би-Си.
-И кога мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека ќе му ја дадете и нему и на неговата сопруга Камила истата поддршка што ми ја дадовте мене. Моја искрена желба е кога ќе дојде тоа време, Камила да биде позната како сопруга кралица, напиша кралицата Елизабета.
Вообичаената процедура е војвотката Камила автоматски да стане кралица доколку Чарлс стане крал, но поради јавното мислење се сугерираше дека Камила би можела да ја добие титулата „сопруга принцеза“, што беше официјална позиција кога принцот Чарлс се ожени со Камила во 2005 година.
Кралицата Елизабета e првиот британски монарх кој ќе ја прослави платинестата годишнина од нејзиното доаѓање на тронот.
За денеска не е закажана официјална церемонија на годишнината, бидејќи 95-годишната кралица ја поминува годишнината од смртта на нејзиниот сопруг во приватност.
Но, за почетокот на јуни се закажани четири дена свечености, вклучувајќи воена парада, концерт, улични прослави, масовен пикник и „натпревар во платинест пудинг“.
За одбележување на годишнината се изработени и специјални, пригодни монети.
Британската кралица Елизабета Втора, покрај најавата дека во јуни официјално ќе ја прослави 70-годишнината од нејзиното владеење, и вчера славеше во својата резиденција во Сандрингам, пренесоа светските агенции.
Таа таму приреди мал прием за претставници на локалната заедница и група волонтери. Меѓу гостите беше и Ангела Вуд, која посетуваше училиште за готвење во 1953 година и помогна да се создаде специјално јадење со пилешко месо и кари по повод доаѓањето на тронот на Елизабета Втора.
Кралицата ги пречека гостите во светло син фустан. Потоа пресече специјално подготвена торта од еден локален жител и слушаше музичка изведба од локален бенд.