Кралицата Елизабета II му го честиташе Денот на независноста на Пендаровски

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Рејчел Галовеј.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се разговарало за досегашната поддршка од страна на Обединетото Кралство во справување со пандемијата на КОВИД-19 во различни сектори, политичката соработка меѓу двете земји, трговската размена, како и бројните британски програми за поддршка во Северна Македонија во областа на одбраната, доброто управување и владеење на правото.

-Соговорниците разговараа и за формирањето на новата Влада во контекст на фокусирање кон предизвиците од пандемијата, прилагодувањето на животот на граѓаните кон новата состојба и спроведување на потребните реформи во клучни области со цел продолжување на процесот на европска интеграција, како една од стратешките цели на Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Амбасадорката Галовеј додаде дека во контекст на соработката во рамки на НАТО, ќе продолжи поддршката од британските колеги на рамноправна основа придонесувајќи кон колективната стабилност и глобалната безбедност.

Претседателот Пендаровски истакна дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство остануваат цврсти, притоа се заблагодари за долгорочната и постојана поддршка што Британија ја дава на земјава уште од нашата независност.

На средбата, амбасадорката Галовеј на претседателот Пендаровски му ја предаде и честитката од Нејзиното Британско Величество Кралицата Елизабета II по повод 8 Септември, Денот на независноста.

-Ваша Екселенцијо, ми претставува посебно задоволство да Ви го честитам државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на народот на Република Северна Македонија, пишува Кралицата Елизабета Втора во честитката до Пендаровски.

Поврзани новости