Крајно време е Северна Македонија да направи чекор напред на својот европски пат – отворање на заслужените пристапни преговори со ЕУ, порача денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска од Давос, каде учествуваше на панелот на тема „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, кој се одржа во рамки на Светскиот економски форум.
-Донесувањето на долгоочекуваната одлука за време на хрватското претседавање пред Самитот во Загреб е во интерес не само за земјата и регионот, туку и за самата ЕУ и кредибилитетот на европската перспектива, рече министерот за надворешни работи, кој настапи на панелот посветен на „Стратегиски дијалог за земјите на Западен Балкан“, како една од главните иницијативи на агендата на овогодишниот форум.
Димитров истакна дека во меѓувреме е добредојдена секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, построги и пофер, посуштински и покредибилни.
На годинешниот Форум, кој почна денеска, а завршува в петок се очекуваат вкупно 3.000 бизнисмени, политичари и други функционери од 118 земји.
Со панелот модерираше Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум, а ко-претседавач беше Мирослав Лајчак, МНР на Словачка. Меѓу учесниците а во својство на специјални гости поканети беа Бојко Борисов, премиер на Бугарија, Сума Чакрабати, претседател на Европската банка за реконструкција и развој, Кристалина Георгиева, управен директор на ММФ, Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска, Марјан Шарец, премиер на Словенија, Александар Вучиќ, претседател на Србија и Хашим Тачи, претседател на Косово.
Меѓу останатите учесници беа и Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ, Ан Линде, министерка за наддворешни работи на Шведска, Мевљут Чавушоглу, шеф на турската дипломатија, како и голем број извршни директори на познати светски и водечки компании.
Панелот за Западен Балкан се одвиваше во два дела, едниот посветен на последните политички случувања во земјите од регионот и очекувањата за 2020 година и вториот дел со фокус на потикнување на економскиот раст во земјите од регионот.
На маргините на Форумот Димитров имаше куси средби со премиерите на Република Бугарија и Република Хрватска.
На средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов се разговараше за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во контекст на градењето пријателство врз основа на заемно разбирање и почит кон грижите на соседот.
Премиерот Бојко Борисов уште еднаш ја потврди поддршката на Бугарија за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Во разговорот со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ министерот Димитров му се заблагодари нему лично, но и на Хрватска во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ, за активната поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, држејќи го нашето прашање високо на агендата на ЕУ.
На веб-страницата на Форумот се наведува и дека има неколку клучни области на агендата на годинашниот штотуку започнат состанок: „Како да се спаси планетата“, „Општеството и иднината на работата“, „Технологија за благосостојба“, „Поправедна економија“, „Подобро деловно работење“, „Здрава иднина“ и „Повеќе од геополитика“.
Пред две години, Светскиот економски форум го вметна Западен Балкан како еден од неговите региони на активност. Оттогаш, дијалози на лидерите на Западен Балкан се одржуваат редовно. Оваа година ќе се одржи Стратешки дијалог за Западен Балкан, со учество на сите регионални лидери. Претходната средба се одржа во ноември во Женева. Планирано е формирање на Центарот за четврта индустриска револуција.