Поради внатрешната криза во Македонија, спорот за името во моментот не е тема за разговор, порача грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.
„Овој период не разговараме за ова прашање. Соседната држава се наоѓа во голема внатрешна криза, која треба да се земе предвид за тоа колку има перспективи за да се решат посериозни прашања“, забележа Коѕиас.
Министрите на билатералната средба се фокусираа на билатералните односи, прашања за подобрување на билатералната соработка и соработката околу бегалската криза, која важи за заеднички проблем меѓу двете држави, како и за продолжување на дијалогот и спроведувањето на мерките за градење доверба. Коѕиас посочи дека кон постоечките мерки се размислува да се додадат и нови кои ќе помогнат за продлабочување на соработката на повеќе нивоа.
„Имавме две рунди средби и разговори околу мерките за градење доверба. Петрос Мавроидис, политичкиот директор на Министерството за надворешни работи ќе биде на 25 април во Скопје за третата рунда разговори за мерките за градење доверба. Веќе се имаме договорено за 11 мерки и се додаваат и нови, кои се за подобрување на развојот на економските и општествените врски и од грчка и од нивна страна. Покрај мерките за градење доверба веќе започнавме нешто кое во меѓународната дипломатија се нарекува политички дијалог со ова држава, односно проценка на состојбата во регионот“, истакна Коѕиас.