Не можеме да го смениме универзалното право соседите да се нарекуваат Македонци на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА. Притоа, Притоа, тој посочува дека на официјално ниво за државните институции ќе се користи името Северна Македонија.
– Еден жител на Скопје и вели на неговата девојка дека е Македонец. Што ќе правиме? Ќе создадеме метафизичка држава што ќе го става во затвор? Она што го кажавме е дека граѓаните на оваа земја имаат право да се самоопределуваат како сакаат. Тоа е универзално право што не можеме да го смениме – вели Коѕијас, истакнувајќи дека само тоталитарна држава и држава со владетел може да контролира како некој ќе се нарекува неофицијално.
Тој вели дека Договорот од Преспа претставува компромис со отстапки од двете страни, бидејќи, како што вели, Грција не го освоила северниот сосед преку војна за да наметно во целост свои позиции.
– Дека ќе можеше да се направи подобар договор, ако вие и јас седевме дома и правевме договор без да постои другата страна, тогаш во ред. Немаше да ја викаме Северна Македонија, ќе ја викавме Северна Алјаска. И секако, ако не претходеа отстапувањата во преговорите сите овие 25 години, се ќе беше полесно. Но, ние имаме две прашања. Едно, дека треба да се согласи и другата страна, бидејќи не ги освоивме преку војна за да им го диктираме она што го сакаме ние – објаснува грчкиот министер за надворешни работи.