Евентуалниот договор за името не треба да има иредентистички елементи, туку треба да биде сложено име со географска одредница, со придавка и да разграничува дека не станува збор за грчката Македонија, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во обраќањето на промоцијата на книгата „Македонското прашање“ на Никос Мерѕос.
-Треба дa најдеме сложено име што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни. Патриотизам за мене значи сложено име, кое треба да важи за сите, бидејќи во преговорите во изминатите години имаше една забуна, дали треба да важи само за меѓународни организација, дали треба да важи за меѓудржавни односи, а ова многумина го нарекуваат ерга омнес. Но, вистинското ерга омнес е да важи за сите и за сите односи, односно и за внатрешноста – рече Коѕијас.
Според шефот на грчката дипломатија, договорот треба да биде стабилен и издржлив и да ја развива довербата меѓу двете страни.
– Ние не може да се плашиме, силната Грција, Грција со долга историја, Грција на Александар Велики, Грција со големата историја, филозофија на Аристотел итн, да се плаши да направи компромис со една мала држава што се уште не си го има најдено нејзиниот идентитет – додаде Коѕијас и објасни дека „луѓето од соседната земја, прифаќаат дека зборовите Македонија и македонски јазик не се однесуваат на Александар Велики“.
Говорејќи за промената на Уставот, рече дека е неопходна не само бидејќи тоа е грчко барање, туку и за внатрешни гаранции и за некоја идна влада.