Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, изјави дека остро се противел на идејата за европски санкции за Македонија на вчерашниот Совет на министри за надворешни работи на ЕУ, бидејќи според него, тоа немало да и помогне на Македонија.
Пред неговите европски колеги говорел дека одредени европски партнери ја имаат разгалено Македонија, правејќи ја власта неспособна да направи компромиси и дома и со нејзините соседи.
– Поради начинот на кој јa третираат Европејците, Владата не научи да прави компромиси и главните проблеми што ги имаме денес се да помогнеме да се создаде култура на компромиси. Второ, да помогнеме во развој на демократијата, особено да придонесеме да има регуларен гласачки список и демократско функционирање на медиумите. Трето, не треба да се размислува за санкции. Јас и општо грчката влада сме против систем на санкции и во случајот на БЈРМ нема да дозволиме санкции. Вистинските пријатели кои се грижат за стабилноста на оваа држава се држави како Грција и Бугарија и повторив дека создавањето на оваа држава е реален факт на кој треба позитивно да се гледа. Меѓутоа името што го има и иредентизмот се негативни елементи, изјави Коѕиас.
Според Коѕиас, ЕУ нема да ѝ помогне на Македонија преку санкциите и јавните притисоци, туку со дејствување преку подипломатски канали и во насока на развивање на култура на компромиси, демократски дијалог и демократија во работењето на медиумите.