Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, за денеска најави дека ќе ги потпише, а утре наутро ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евроатлантска интеграција на Македонија, што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот за решавање на спорот за името.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас пред новинарите на крајот од конференција на грчкиот остров Родос во петокот потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека Договорот е ратификуван.
– Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред – рече Коѕијас.
Тој објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ, при што, според него, во обаа група првично биле Германија, Данска, Луксенбург, Франција, Холандија, но моментално останале само последните две држави.