Шпанија, која неделава стана прва земја во Западна Европа во која бројот на заразени надмина еден милион, вчера повторно бележи рекорден број на нови случаи – 20 986.
Според министерот за здравство Салвадор Илја, епидемијата сега е „надвор од контрола“ во многу области на Шпанија. Властите анализираа дали, како и Франција и други европски земји, да воведе полициски час, но таа одлука беше одложена.
Неколку шпански региони ги зајакнаа ограничувањата за коронавирус во понеделникот, обидувајќи се да го спречат вториот бран на зараза.
Властите во северниот регион Кастилја и Леон најавија дека ќе го затворат целосно градот Бургос и соседниот Аранда де Дуеро, од што ќе бидат изземени само основните патувања, откако бројот на заразени во областа надмина 500 случаи на 100 000 лица.
-Ние сме во околности слични на оние од март или април, изјави градоначалникот на Бургос, Даниел де ла Роса, потсетувајќи на почетокот на пандемијата, кога многу Шпанци беа во карантин за да го запрат ширењето.
Арагон, кој беше во центарот на неколку жаришта поврзани со мигранти – земјоделски работници во текот на летото, воведе ограничувања на капацитетот на баровите и рестораните и забрани продажба на алкохол во продавниците помеѓу 22 и 8 часот наутро.
Шефот на регионалното здравство Сира Реполс рече дека е „многу близу“ до одлуката да се воведе ограничувања на движењето и во Сарагоса.
Каталонија, која минатата недела нареди 15-дневно затворање на баровите и рестораните, им соопшти на локалите кои работат 24 часа, дека мора да затворат во 22 часот се до 7 часот наутро.
Вкупно 1 026 281 лица се заразени во Шпанија. Повеќе од 34 000 луѓе починаа како резултат на инфекцијата со вирусот, а уште 155 смртни случаи поврзани со ковид-19 се регистрирани од последните извештаи.