Ковид центар се отвора и на Клиниката за уво, нос и грло, ќе се сместат 50 пациенти

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче утрово се сретна со директорите на ковид центрите од комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје за да се разгледа состојбата со пополнетоста на капацитетите на клиниките и динаминиката на отворање на нови оддeленија за ковид пациенти, информираат од Министерството за здравство.

Од министерството појаснуваат дека во моментов Интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород. Иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има.

-Во текот на денешниот ден ќе се отвори и ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло каде ќе можат да се сместат дополнително 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.

Вкупно во комплексот клиники Мајка Тереза има околу 350 кревети за ковид пациенти распоредени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Интерните клиники- Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за очни болести, Клиниката за нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија и Клиниката за неврологија, како и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. Допоплнителни 110 кревети има во ГОБ 8 Септември и 40 на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле, велат од министерството.

Поврзани новости