Апликацијата која ќе биде наменета за „ковид-пропусница“ со што ќе се овозможи граѓаните и во електронска форма да ги имаат потребните документи (доказ за вакцинација, за антитела или ПЦР тест), сè уште не е пуштена, но хартиените документи се сосема доволни за влез во Грција, порача денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
-Денеска требаше, но го одложивме за утре состанокот за апликацијата. Тоа се луѓе од системот „Мој термин“ кои практично работат на една варијанта, модул, да се надгради и тие податоци после да може да се преземат од апликацијата. Меѓутоа граѓаните треба да знаат дека тоа не е никаков ограничувачки фактор, и сегашните документи се сосема доволни за влез. Тоа е само една дополнителна алатка при што европските земји ја шират мрежата на институции кои даваат соодветни документи и тоа е суштината на таа апликација. Сите наши лаборатории кои се акредитирани, се практично прифатени. Меѓутоа и самите хартиени документи и ПЦР тестовите се сосема доволни за влез во Грција, рече Филипче.
Како што беше најавувано од претходно, преку апликацијата која се подготвува, граѓаните ќе може да го скенираат кју-ар кодот од потврдата за вакцинација или од ПЦР или тестот за антитела и ќе може да го преземат во електронска форма.