Дигиталната ковид-пропусница за патување или „грин пас“ ќе може да се симне како апликација на секој мобилен телефон, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
-Во секој случај, нашиот ‘грин пас’ ќе биде спремен од почетокот на следната недела. Тоа е ‘пас’ што електронски преку кју-ар код и апликација, која ќе може да се симне на секој мобилен телефон, ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вакцината, ПЦР-тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР-тестирање и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест, рече Филипче.
Граѓаните ќе можат преку матичните лекари кјуар кодот да го симнат во својата апликација. За македонските граѓани кои се вакцинирале во некоја од соседните земји рече дека ќе треба да извадат потврда за вакцинираност таму, бидејќи, како што кажа, во документот мора да се внесе серијата на вакцината со која се вакцинирани.
Нагласи дека македонскиот став е дека граѓаните може да се вакцинираат еден месец после прележан Ковид-19 и да се примат две дози од која било вакцина. Ревакцинацијата, како што рече, за сите вакцини е по три недели, а за Астра Зенека по 12 недели. Повтори дека на граѓаните под 60 годишна возраст нема да се дава вакцината на Астра Зенека.