Ковид-19 е речиси трипати посмртоносен од грипот

by Fokus

Околу една година од почетокот на пандемијата, јасно е дека новиот корона вирус е посмртоносен од сезонскиот грип, се наведува во денеска објавената научна студија која открива колку е опасен Ковид-19. Неговата смртност е речиси трипати поголема кај пациентите со Ковид-19.

Авторите на истражувањето ја користеле француската национална статистика и ја објавија во списанието „The Lancet Respiratory Medicine“, фокусирајќи се на сериозноста на болеста.

Истражувачите споредиле податоци за 89.530 пациенти примени в болница со корона вирус во март и април годинава, со 45.819 пациенти хоспитализирани со сезонски грип, во периодот меѓу декември 2018 и крајот на февруари 2019 година.

Вкупно 16,9 отсто од пациентите со корона вирус починале во овој период, кога бил првиот бран на епидемијата во Европа, а лекарите имале малку медикаменти за лекување на сериозно болните. Ова се споредува со смртност од 5,8 отсто кај заболените од грип.

Кетрин Квантин, професор од Универзитетската болница во Дижон и Францускиот национален институт за здравство ИНСЕРМ, кој исто така учествувал во студијата, коментира дека разликата во смртноста е „особено поразителна“, бидејќи сезоната на грип 2018/2019 е најсмртоносна во Франција во последните пет години.

Авторите нагласуваат дека разликата во бројот на примени в болница – двојно повеќе болни од корона вирус се хоспитализирани во споредба со грип – делумно може да се објасни со постојниот имунитет на грип или поради претходна инфекција или вакцинација.

Истражувачите откриле дека повеќе пациенти со корона вирус морале да бидат примени на одделот за интензивна нега – 16,3 проценти во споредба со 10,8 отсто со грип, додека просечниот престој на интензивна нега е речиси двапати подолг (15 дена во споредба со осум дена за грип).

Поврзани новости