Ковчегот на кралицата Елизабета Втора го започна своето последно патување од Лондон до замокот Виндзор, каде што ќе биде погребана покрај нејзиниот сопруг војводата од Единбург.
Стотици илјади луѓе се собраа во Лондон на рутата низ главниот град на Британија за да го кажат своето последно збогум, додека милиони ширум светот го гледаа државниот погреб на телевизија.
Кралот Чарлс Трети и неговите браќа и сестри одеа зад ковчегот додека заминуваше од Вестминстерската опатија по државниот погреб, додека другите членови на кралското семејство патуваа со автомобил.
За време на богослужбата, кралот Чарлс беше видно трогнат и неколку пати за малку ќе заплачеше особено додека се пееше националната химна во Опатијата. Тој во венецот на ковчегот, кој е направен со цвеќиња кои лично ги избрал, стави рачно напишана порака до неговата мајка.
– Во љубов и посветено сеќавање, пишуваше во пораката.
По поворката од Вестминистерската опатија до Велингтон Арх во Хајд Парк ковчегот со возило се пренесува до капелата Свети Џорџ во замокот Виндзор.
Во капелата 15 часот по Гринич ќе се одржи церемонија, по што ќе следи приватна погребна служба на која ќе присуствуваат високи членови на најтесното кралско семејство.