Ковачки: Внукот на Али Ахмети купи деловна зграда од 30 милиони евра, дали Ковачевски не знае и за ова, како што не знаеше за Мерко?

by Fokus

„Димитар Ковачевски се прави како паднат од Марс. Но од ДУИ почнаа да прават толку скандали што глумењето дека не е од тука и не му поминува. Ако не знаел за Мерко, не знаеше за дуќанот на братот на Груби, дали сега ќе каже дека не знаел и за внукот на Али Ахмети кој ја купи деловната зграда Соравиа во строгиот центар на Скопје, чија пазарна вредност е од 25 до 30 милиони евра“ рече денеска на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачки рече дека вчера официјално „и Соравиа груп и Певлаку ШПК, партнер на Тор Индустриес на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, потврдија дека Павлеку ШПК и Тор Индустри ја купиле деловната зграда Соравиа. Дрин Ахмети, е син на братот на Али Ахмети. Тој е основач на Тор Индустриес, основана во 2020 година и според информациите кои се објавени во медиуми нема прикажано профит. Тор Индустриес е фирма која заедно со Павлеку ШПК од Тирана е нов сопственик на зградата Соравиа, ексклузивен деловен комплекс во центарот на Скопје. Според јавно достапните податоци, Соравиа е со површина од над 15.000м2“.

„Досегашниот сопственик на деловната зграда на својата официјална веб страна има објавено податок, дека деловната зграда Соравиа е инвестиција од 25 милиони евра. Тоа се пари кои биле потребни за тој да ја изгради и пушти во употреба. Цената на деловен простор во центарот на Скопје, според информациите до кои дојдовме по извршено истражување кај повеќе фирми кои се занимаваат со недвижнини заклучивме дека е од 2.000 евра за м2 па нагоре. Согласно јавно достапните податоци може да се заклучи дека внукот на Ахмети купил зграда која вреди од 25 до 30 милиони евра“ вели Ковачки.

За пратеникот „ова е аларм за ЈО и ДКСК, но и за сите институции од областа на финансиското разузнавање, како УФР и Финансиската полиција и очекуваме истите веднаш да отворат истрага“.

Поврзани новости