Зарко Милошевски на местото директор на АНБ доаѓа од позицијата помошник директор за безбедносни проверки, на висока позиција е веќе 7 години и вмешан е во голем број случаи за издавање македонски државјанства, а таков е и случајот „Онишченко“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
-Документот – позитивната оценка од АНБ за давање на Македонско државјанство на рускиот олигарх и шпион Александар Онишченко кој е објавен на социјалните медиуми е доказ за нашите тврдења дека сегашниот директор на АНБ Зарко Милошевски е една од причините поради која истиот добил Македонско државјанство.
Од документот објавен на социјалните медиуми се гледа дека: Агенцијата за национална безбедност во допис од 03.03.2022 година го известува Секторот за Управни и надзорни работи при МВР дека за лицето Александар Онишченко не постојат пречки од безбедносен карактер кои би спречиле издавање на Македонско државјанство – рече Ковачки.
Тој додаде дека Милошевски е истурен играч на Виктор Димовски и Миле Зечевиќ.
-Зарко Милошевски е директно одговорен за безбедносниот пропуст направен од АНБ за случајот Онишченко, и во ниту еден случај не смеел да биде поставен за директор на Агенцијата, особено не додека случајот се уште не е расчистен.
Ковачевски повторно излезе цвикатор и не дозволи завршување на работата на собраниската комисија, туку брзаше да назначи нов директор и видете апсурд – сега треба да ја продолжи истрагата и би требало да се истражува самиот себе додека бил помошник директор? – рече Ковачки.