Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во своето гостување во Тема на денот на телевизија Сител, изјави дека Христијан Мицкоски има кредибилитет да продолжи да ја води партијата и во иднина, како и тоа дека тој е единствениот кој засега поднел кандидатура за оваа позиција.
-Засега само претседателот Мицкоски ја има објавено кандидатурата. Не можам да шпекулирам за други кандидати но факт е дека Мицкоски со резултатите од локалните избори го освои и легитимитетот и има потполн кредибилитет да продолжи понатаму да биде наш претседател, изјави Ковачки.
Внатрепартиските избори за лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржат на ист датум како и оние за претседател на СДСМ, на 12 декември.
Ковачки зборуваше и за актуелната политичка состојба во земјава и порача дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на ставот дека во земјава се неопходно предвремени парламентарни избори.
-Ние бараме избори веднаш значи што побрзо се случат толку подобро за државата, не само доколку одиме себично ние како партија тогаш би биле неискрени кон граѓаните. Затоа што себично е ако гледаме, нас ни одговара оваа состојба да продолжи да кажеме од партиска гледна точка виза ви Социјалдемократскиот сојуз.
Меѓутоа она што се однесува за граѓаните и што го кажуваме, што побрзо заминат СДСМ и ДУИ и дојде нова структура компетентна, стручна која што ќе може да најде решение на проблемите ќе биде подобро за граѓаните. Според мене најдобро е да се оди, односно да се почитуваат Уставот и законите и во најбрз можен рок да се тие избори реализираат. Сега сме веќе месец декември, така да пролет од прилика е убав термин за нови предвремени парламентарни избори, нагласи Ковачки.