Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, јавно ја праша министерката за одбрана, Славјана Петровска, зошто крие, како што рече тој, дека припадници на македонското воено разузнавање се уапсени во Косово. Петровска ги демантираше овие тврдења и изјави вчера дека такво нешто би значело непријателство меѓу двете земји. Таа додаде дека македонски оперативци има на Косово како дел од соработката меѓу двете држави.
Ковачки преку својот фејсбук профил ја праша министерката дали приведените оперативци биле да истражуваат повеќегодишна појава на шверц на акцизна и друга роба од страна на припадниците кои се на мисија во Косово.
„Кој ги селектираше и ги прати тие лица на Косово, Вие или некој друг? До толку сте неспособни што поради партиско-криминални интереси дозволивте да се изгуби авторитетот во одбраната и секој да прави што сака и за тоа да не одговара. Сега откако цела АРМ знае за недозволените активности, решивте да ја ангажирате воената служба за безбедност да Ви ја покрива Вашата неспособност. Зошто барате да Ви го покажам документот дека двајца оперативци кои биле пратени на Косово и дека биле приведени заради сомнителни активности, кога и сама знаете дека документот е класифициран и јас не би можел да го поседувам бидејќи вашите служби напишале дека сум бил НЕПОДОБЕН за безбедноста на државата. (?!)
Трето, станете и кажете колку време знаете за оваа појава и зошто сте неспособни да ја сузбиете истата и зошто тие што требало тоа да го сузбијат ги наградивте со девизни плати? Дали затоа што ги злоупотребивте и наместо да се борат со криминалот, вие успешно ги насочивте кон ВМРО-ДПМНЕ?
До каде отиде Вашата забеганост, да барате информации за тоа кој во каква облека спортува на кејот на Вардар?
Брука“, напиша Ковачки.