Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, одговори на денешната прес конференција на министерката за одбара, Славјанка Петровска, која покажа две папки во кои, наводно, се наоѓаат документи од минатото на пратеникот. Како што рече таа, поради овие документи тој не може да добие НАТО сертификат.
Ковачки од своја страна тврди дека папките се празни и ја повика министерката да објави се што има за него.
„Објавете СЕ, ама буквално СЕ што имате. Јавно за да види цела македонска јавност што е тоа “јако” што го имате во врска со моето минато во АРМ. Знам дека нема да објавите ништо затоа што тие папки се празни. (!) Изгубена сте во време и простор и напаѓате со некакви “досиеја” што ги водите и измислувате во Министерство за одбрана против лица кои не мислат како Вас“, напиша Ковачки на фејсбук.
Тој јавно ја праша министерката дали дала наредби вработени во Министерството да следат и документираат народни избраници-пратеници и зошто.
„Министерке, штотуку потврдивте дека времето на водење на досиеа за лица е повторно вратено во младата македонска држава и штотуку потврдивте дека Вие како нестручно лице имате пристап до истите тие досиеја. (УДБа е Ваша судба). Јавноста има право да знае зошто се’ уште функцијата за одбрана ја врши лице кое за да оствари парична добивка на Суд, добавило психијатриско вештачење од специјалист – психијатар, а после тоа истото лице од говорница ги демантираше наодите на лекарот – специјалист“, порача Ковачки.