Затворањето на небото над Украина би значело воен конфликт помеѓу НАТО и Русија и тоа би прераснало во војна од невидени размери, вели актуелниот премиер Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
„Од таа причина одлуката и на НАТО и на другите земји, коишто се дел од ЕУ и земји на пат кон влез во ЕУ, одлуката е со економски санкции и други невоени средства за санкции да се одврати Русија од понатамошни воени дејствија. Значи, во однос на заштитата од биолошки напад евентуален исто така се разговараше и веќе на редовниот самит во Мадрид. Ќе се операционализираат детали за тоа на кој начин да и се помогне на Украина во справување со евентуални такви напади“, истакна Ковачевски.
Според него, се разговарало и за заштита од сајбер напади на земји коишто се во опкружување на Русија и на другите земји коишто се наоѓаат на Западен Балкан.
„Исто така се разговараше за зацврстување на капацитетите за одбрана и одвраќање и за земји коишто сакаат да бидат дел од НАТО како на пример Грузија, со цел да можат да ги зајакнат своите капацитети за во иднина. Во однос на балтичките земји тие се дел од НАТО и нивната одбрана ја гарантираат сите земји членки на НАТО како што тоа важи за било која земја членка на НАТО каде и да таа се наоѓа географски во светот“, вели Ковачевски.